Познати групите во Лигата на Европа – Германија има четири тима

Денеска во седиштето на Европската ракометна федерација во Виена беше извршена ждрепката за групната фаза во Лигата на Европа. Меѓу 16 учесници ќе има екипи од осум држави, а најмногу – дури четири претставници, има Германија.

Норвешка има три екипи, Шпанија, Романија и Франција по два, додека Данска, Полска и Унгарија имаат по еден тим во групите.

Во групата А ќе играат романската Дунареа Браила и германскиот Турингер, кои минатата сезона играа во четвртфиналето. Покрај нив во оваа група се шпанскиот Елче и некогашниот европски првак Ларвик.

Групата Б се чини дека е најсилна со данскиот Икаст, победникот во ЛЕ во 2023 година, потоа норвешката Сола, германската Борусија Дортмунд и романската Валчеа.

По шесте одиграни кола во Лигата на Европа, прво и второпласираните екипи ќе обезбедат место во четвртфиналето, а групната фаза почнува на 11/12 јануари.