Литванија со почетно изненадување, но Македонија има квалитет и два гола предност на полувреме

Македонската сениорска репрезентација има плус два на полувреме од клучниот дуел во квалификациите за Европското првенство против Литванија, 13-11.

Нашата селекција со грч влезе во овој дуел пред преполната спортска арена „Јане Сандански“ во Скопје. Дозволи да се разигра Литванија која бомбардираше од бековските линии, па затоа избраниците на Лазаров постојано брка негатива, која во 8, минута беше изразена со четири голови. По тајм-аутот на Лазаров проработи нападот на Македонија, младиот Ивановски го размрда нападот, а на голот блескаше Томовски кој на средина од првиот дел го замени Митрески.

Кога одбраната почна да функционира, а шутевите од далечина на Литванците не беа прецизни, Македонија се доближи до Литванија. Серафимов во 17. минута го израмни резултатот, а четири минути подоцна, истиот ракометар го донесе и првото водство за 9-8.

Кога веќе го фатија темпото на овој дуел, македонските ракометари дојдоа и до два гола предност, а имаа и три неискористени напади за три разлика. Сепак наместо сигурна предност „црвено-жолтите“ дозволија Литванија да има напад за реми. Но, Мартин Томовски се покажа како непробоен бедем и не дозволи повторно изедначување на резултатот. Затоа Јагуриновски од крило  и Пешевски ја наградија одличната одбрана, па резултатот во 30 минута беше 13-10. Во последниот напад Литванија избори удар од пенал линијата, а Думчиус го постави конечниот резултат 13-11.

Македонија во овој дуел брка победа од два гола предност за сигурен пласман на Европското првенство 2026.