Добар почеток и водство од 5-1 не беше доволно за Еурофарм Пелистер да издржи на гостувањето во Загреб, во мечот од лигата на шампионите, а лошите 11 минути во второто полувреме му донесоа пораз од 23-27 на македонскиот тим.
За Загреб ова се првите бодови сезонава во лигата на шампионите, а Еурофарм Пелистер испушти шанса да остане во трка за место што води во следната фаза од ЛШ, бидејќи ќе можеше да се надева дури и на 5. или 6. место во групата. Вака сега битолчани се на 7. место со 4 бода, и заостанува два бода во однос на ПСЖ и ГОГ.
Во досегашните девет меѓусебни натпревари, осумпати победи Загреб, а само еднаш Еурофарм Пелистер, на почетокот на септември годинава. Еурофарм Пелистер го почна натпреварот одлично, и со серија 5-1 го примора домашниот тренер Ненад Шоштариќ да бара тајмаут. Можеше македонскиот шампион да има уште некој гол повеќе на „сметка“ но покажа добра игра, приморувајќи ги домаќините дури и да играат погрубо.
Јаков Гојун уште во 16. минута доби втор исклучување, по еден опасен старт врз Филип Кузмановски, покажувајќи дека се спремни на се, за да се сопрат битолчани. И полека почна да се топи предноста на македонскиот тим.
Прво Филип Главаш погоди од седум метри и со серија 6-2 го врати натпреварот во егал (7-7). Потоа и поведе, но Еурофарм Пелистер секогаш израмнуваше. Во завршницата Чавар во последните секунди погоди за плус два на пауза за Загреб, 14-12.
Во овој период од играта Пелистер имаше подобар шут-процент (67% наспроти 64%), но повеќе изгубени топки (6-2), што ја префрли иницијативата кон Загреб. Сеид Хејдарирад запиша 6 одбрани.
Почетокот на вториот дел пак му припадна на Загреб, а битолчани не искористија период во кој имаа играч повеќе. При резултат 15-13 за Загреб исклучен беше Кавлиќ, но македонскиот тим со играч повеќе имаше две шанси, но, не постигна ниту еден гол, а прими два па домашните поведоа со 17-13 во 38 минута, што беше највисокото водство дотогаш за Загреб. Серијата од 4-1 му донесе водство од 18-13 на домаќинот, па тренерот Рубен Гарабаја мораше да реагира.
На сите нереализирани шанси Загреб враќаше со погодок, па во 48 минута имаа предност од 22-16. Кога Еурофарм Пелистер направи серија од 2-0 и намали на 22-18 во 52 минута, домашниот тренер Шоштариќ веднаш реагираше со тајмаут. Четири гола предност на четири минути до крај беше најава за триумфот на домаќините.
Филип Главаш постигна 10 гола од 11 обиди, а Давор Чавар, Ивано Павловиќ и Ихар Биалаускидадоа по 4 гола. Кај Еурофарм Пелистер најпрецизен беше Филип Кузмановски со 7 гола, а по три дадоа Дејан Манасков и Анджеј Видомски.
























