Капитенот на Данска, Магнус Саугструп и репрезентативецот Симон Питлик остро реагираа на планот на ЕХФ од 2030 година да воведе нов репрезентативен турнир – „Европски ракометни игри“, преку кој Европа би го обезбедувала фиксното место на Олимписките игри.
Саугструп, кој минатата сезона одигра 68 натпревари за клуб и за репрезентација, предупреди дека дополнителниот турнир ќе го зголеми товарот врз најоптоварените играчи.
„Искрено, превртев со очите уште пред да ја дочитам веста. Не мислам дека ни треба уште повеќе мечеви во календарот. Тие што и онака играат најмногу, ќе играат уште повеќе – а ние страдаме кога се додава уште едно натпреварување со голем влог.“
Неговиот сонародник Симон Питлик беше уште подиректен.
„Звучи сосема глупаво ако идејата е само да се зголеми бројот на натпревари за „поголема привлечност“. Како ракометар сакаш важни мечеви, но не повеќе отколку што е потребно. Мора да има смисла за телото и за играчите. Ако заменат некои помалку значајни дуели – во ред. Но ако е само трка по повеќе мечеви, тоа е површно и ризично со оглед на повредите.“
ЕХФ најави дека „Европските ракометни игри“ ќе се играат секои четири години и дека преку нив Европа би го доделувала фиксното олимписко место.
Деталите за новиот формат и координацијата со календарот треба да бидат прецизирани до крајот на годината.

























