
Ракометарите на Бутел Скопје вечерва од 18:00 часот ќе го одиграат првиот натпревар во ЕХФ Европскиот Куп на гости кај хрватската Горица.
Станува збор за незгоден ривал, кој има одличен старт во Хрватска – шест победи на шест меча, меѓу кои и онаа над Сесвете, учесник во Лигата на Европа и тоа на гостински терен.
Десното крило Максимилијан Гуриќ очекува тежок натпревар.
„Во Европскиот куп го пречекуваме Бутел Скопје, млада македонска екипа во чии редови има искусни поединци. Нè очекува тежок противник и натпревар во кој ништо нема да добиеме без борба. Во овој густ распоред важно ни е добро да го отвориме дуелот и да покажеме дека никој не поминува лесно низ нашата сала. Затоа ги повикуваме сите навивачи: дојдете, исполнете ги трибините и подгответе им на гостите што е можно потешка атмосфера. Вие сте нашиот осми играч“, порача десното крило.
Тренерот на Горица, Матеј Мишковиќ, вели дека Бутел Скопје заслужува целосен респект.
„Пред нас е голем европски натпревар и предизвик на кој сите во клубот исклучително му се радуваме. Ни гостува Бутел од Скопје, квалитетна и сериозна екипа која заслужува целосен респект. Свесни сме дека нè очекува тежок натпревар против противник кој има квалитет и амбиции. Сепак, ние имаме свои цели и веруваме во она што го работиме. Од почетокот на сезоната градиме победнички менталитет, а ваквите натпревари се можност да покажеме колку вредиме и колку можеме да постигнеме како тим. Сакаме да бидеме храбри, одлучни и да го наметнеме нашиот начин на игра од првата минута. Играме на домашен терен, пред нашите навивачи, и немаме намера никому да му ја препуштиме улогата на фаворит, без оглед на името на противникот.
Го почитуваме Бутел, но веруваме во сопствениот квалитет. Нашата цел не е само да учествуваме во европското натпреварување, туку да бидеме конкурентни, да победуваме и да направиме исчекор на европската сцена со Горица“, заврши Мишковиќ.

















