Српскиот вицепрвак Војводина славеше против младинската репрезентација на Египет со 29-24 и со тоа го обезбеди третото место во групата А.
Овој триумф им ги донесе првите бодови на момците на Милутин Лучиќ, а тоа значи меч за петтото место в сабота од 12:00 часот на меморијалниот турнир „Крсте Андоновски“.
Поразениот од овој меч, тимот на Египет У20 ќе се бори за седмото место против најслабиот од групата Б, каде што се Вардар, Нексе, Тримо и Олимпијакос.

Војводина во првиот дел имаше контрола над резултатот, потоа водеше и во текот на целиот меч, но „фараоните не се предаваа.
Намалија на минус три, 24-21 на влезот на последните десетина минути младите египќани, но немаа сили за комплетен камбек. Голманот на српскиот состав, Коста Диздар, беше најдобар поединец на мечот и имаше 16 одбрани.
Од денешната програма, во 18:45 часот ќе играат Тримо Требње и Олимпијакос, додека од 21:00 часот ќе се сретнат Вардар и Нексе Нашице.







