Македонија на милиметри до Мундијал – висок триумф кај Словачка!

Машката репрезентација на Македонија славеше на гостувањето во Прешов кај селекцијата на Словачка со 31-24 и се наоѓа на чекор до пласман по осмипат по ред, вкупно десетти пат на Светските шампионати.

Македонија одработи рутински на овој натпревар, ја оправда фаворитската улога и покажа дека е поквалитетна селекција од Словачка. По првиот дел беше плус пет за нашите ракометари, а во вториот дел беше прикажана исто така доминантна партија за конечни плус седум.

Томовски беше одличен на голот со 13 одбрани, додека капитенот Кузмановски беше предводник со десет погодоци, а седум од седум имаше Лазаревски. Во словачкиот состав, во кој недостигаше Потиск, по четири пати стрелаа Махач и Бријатка.

Избраниците на Кирил Лазаров го отворија мечот со водство од 2-0, но домаќинот набрзина направи пресврт по двете одбрани на Жернович за 3-2. Потоа мечот продолжи гол за гол, се погодуваше паралелно на двете страни, а по дваесетина минути Македонија вторпат стигна до плус два, 11-9.

Лазаров ги ротираше сите ракометари, па бековската линија што го почна мечот – Кузмановски, Митев и Велковски, беше заменета со Ѓорѓиев, Атанасијевиќ и Јагуриновски. Доминираше Лазаревски на линијата, кој се разигра и нанижа четири гола, па веќе беше 14-11.

Томовски фати пенал, но Јагуриновски не беше прецизен на спротивната страна и Словачка намали на 15-13. Во четири напади немаше голови на двете страни, пред Костески да казни на празен гол за 16-13, а истиот играч зголеми на плус четири, 17-13. Томовски одбрани уште еден зицер, а Кузмановски со бомба пред звукот на сирената зголеми на пет гола разлика, 18-13.

Одличната игра на нашите ракометари продолжи и во второто полувреме, Митев сега беше диригентот во нападот, даде три гола во серија и Македонија отиде на плус шетст, 21-15. Се играше рутински и беше јасно дека домашните немаат шанси за нешто повеќе на овој натпревар. Словаците дадоа два гола во серија за 25-19, а Томовски не дозволи нивна поголема серија, па во последните десетина минути се влезе со 26-20.

Македонскиот голман продолжи со одличната партија, но две наши акции во нападот не минаа, па Словачка погоди на празен гол за 28-22. Немаше преголеми возбудувања до крајот, нашите момци само смирено и рутински одработија за висок триумф.

Реванш пресметката меѓу Македонија и Словачка се игра на 17 мај, в недела, од 19:00 часот во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје.