Алборг го „преживеа“ Спортинг, Барса со двоен триумф на Ф4

Данскиот првак Алборг славеше над Спортинг Лисабон со 37-36 во интересен натпревар во кој ја имаше контролата на резултатот, но гостинската екипа секогаш беше „тука некаде“ и бркаше негатива.

Португалскиот првак водеше во првиот дел во два наврати со по два гола, но Алборг веднаш се врати во егал, а на паузата замина со водство 18-17. Во вториот дел предноста на домаќините се движеше меѓу еден и три гола.

Во последната две минути се влезе со 37-34 за Алборг, Кико Кошта и Торкелсон беа прецизни за 37-36, за возбудувања во финишот, но немаше време за комплетен камбек во мечот и данскиот првак слави пласман на Ф4.

Томас Арнолдсен даде десет гола за Алборг, осум постигна Хоксер, а браќата Кошта за Спортинг Лисабон постигнаа 21 гол.

Барселона по триумфот кај Нант, немаше проблеми и на домашен терен славеше против францускиот состав со 31-21 и ќе се бори за титулата во Келн.

Покрај Фуксе Берлин, Барса и Алборг, се очекува и Магдебург да го потврди своето место на Ф4, откако на првиот меч убедливо го победи ПИК Сегед.