Вардар – Алкалоид може да гледате и ТУКА.
Македонскиот чувар на мрежата Даниел Дупјачанец брани во одлична форма од стартот на сезоната во Франција.
Дупјачанец, кој е дел од тимот на Бањол во третиот француски ранг, на осум натпревари досега запиша 94 одбрани.
Тоа е вкупно втор најуспешен биланс во лигата, па Дупјачанец се наоѓа само зад Марко Рајковиќ, кој има 98 одбрани.
Македонскиот голман, кој бранеше за Металург, Кадетен, Азоти Пулави…имаше најдобар учинок во петтото и во седмото коло, кога одбрани 15 удари на ривалите.
Во просек, Дупјачанец брани по 12 удари на натпревар. Неговиот Бањол се наоѓа на седмото место на табелата, а до крајот на есенската полусезона остануваат уште три кола.
Агонијата во некогашниот европски шампион Борац Бања Лука нема крај! Поради лошата финансиска ситуација, заминаа тренерот Ирфан Смајлагиќ и уште тројца играчи.
Смајлагиќ поднесе оставка на тренерска позиција, кој вели дека од првиот ден е под притисок за добри резултати.
„Едноставно од првиот ден сум под резултатски притисок, а немаме најосновни услови за работа. Еднаш мораше да се подвлече црта и да се прекине неизвесноста. Нереално да се однесуваме како се да е нормално, а во суштина немаме услови за работа. Мислам дека мојот мандат беше успешен“, изјави Смајлагиќ.
Претходно заминаа претседалот на клубот, спортскиот директор, а покрај тренерот, Борац Бања Лука го напуштија уште тројца ракометари.
Станува збор за бековите Никола Ивановиќ, Никола Стевановиќ и Недим Хаџиќ, кој ќе се пресели во хрватскиот шампион Загреб.
Минатата недела во Борац едвај собраа пари да го одиграат мечот со Коњух, а нејасно е каква ќе биде ситуацијата викендов останува да видиме.
Амбициозниот Партизан од Белград продолжува да биде активен на трансфер пазарот во регионов, а според информациите на „Моцарт спорт“, српскиот суперлигаш би можел да биде посилен со играч од Еурофарм Пелистер.
Станува збор за привремениот репрезентативец на БиХ, Павле Петровиќ, кој во Македонија пристигна уште во јануари, 2021 година, најпрво играше за вториот тим на битолскиот клуб, потоа беше „прекомандуван“ во првиот тим.
Десниот бек во минатата сезона имаше забележителни партии во Лигата на шампионите, најдобрата ја имаше во Данска против силниот Алборг запишувајќи седум гола, но во оваа сезона е во сенка на Усама Хосни и Нејц Цехте, двајца клучни ракометари во играта на „зелено-белите“.
Партизан, моментално, на позицијата десен бек ги има на располагање Никола Црноглавац и Немања Јовиќ, ракометар кој што може да одигра и како десно крило, па така можната преселба на Петровиќ би била добитна комбинација за српскиот тим.
Освен Петровиќ, порталот „Моцарт спорт“ како потенцијално засилување во Партизан го споменува 29-годишниот Михајло Раденковиќ. Искусниот ракометар, исто како и Павле Петровиќ, доколку го засилуваат Партизан, тогаш тоа ќе биде на полусезона.
Минатата недела во Партизан пристигна црногорскиот репрезентативец Стеван Вујовиќ, кој игра на позицијата лев бек, а претходно клубот се засили со Петар Ѓорѓиќ од најголемиот ривал – Војводина. За Партизан настапува левото крило од Македонија, Бојан Маџовски.
Ракометарите на Охрид им се вратија на победничките патеки, oткако на домашен терен и со комбиниран состав го совладаа последнопласираниот тим во Супер лигата, Радовиш со убедливи 43-21.
Победникот беше решен уште по првото полувреме кога домашниот тим направи огромна предност од девет гола, 18-9, а во второто полувреме само рутински беше одработена задачата и се чекаше конечната разлика.
Гостите водеа само на стартот со 1-0, а потоа се беше во знакот на „гладијаторите“. Ристески, Костов и Бојаниќ предничеа со лесните реализации во првото полувреме, потоа во вториот дел тоа беа Андоновски и Шипинкоски.
По седум погодоци во победничкиот тим имаа Шипинкоски и Костов, додека по шест пати во листата на стрелци се запишаа Андоновски и Бојаниќ. Во составот на Радовиш четири гола имаше Костадинов.
Охрид сега има 18 бода и е на делба на третото место со шампионот Еурофарм Пелистер, додека Радовиш останува на дното со еден бод, но без победа во досегашниот тек од сезоната.