Фер плеј потег на Димитриески – не им дозволи на судиите да исклучат противнички играч! (ВИДЕО)
Ракометарите на Бутел во елиминациското коло од Купот на Македонија одиграа рутински и сигурно против Јехона триумфирајќи со 53:30. Тимот од Гостивар во спортската сала „Антон Димитров” во Бутел беше формално домаќин на денешниот натпревар. Голманот на Јехона, Дарко Димитриески ги освои симпатиите на малобројната публика, која го следеше дуелот, откако ја исправи судиската грешка и не дозволи да има исклучување во противничкиот табор. Во вториот дел, односно во 43 минута, членот на Бутел, Стефан Јовевски шутираше кон голот на Димитриески. Судиите Спаско Ќаев и Глигор Ќаев помислија дека топката го погоди во лицето голманот на Јехона и тргнаа да го исклучат Јовевски на две минути. Димитриески ги корегираше судиите, велејќи дека топката не го удрила во лицето, и не дозволи противничкиот тим да остане со играч помалку.