СП кадетки: Се комплетира второто коло – Холандија, Романија, Норвешка… продолжуваат во главната фаза!

Денес на Светското првенство за кадетки во Македонија се одиграа осум натпревари, со што беше комплетирано второто коло, а веќе утре ќе започне третото, односно последното коло од групната фаза.

На денешните одиграни натпревари, Јужна Кореја ја изненади Германија, триумфираше убедливо, со резултат 34:28 (19:12) во натпревар од групата Б.

Со победата над Германија, ракометарките на Јужна Кореја обезбедија пласман во главната фаза, додека од споменатата група, Германија и Швајцарија ќе се борат за втората позиција која носи пласман меѓу 16-те најдобри репрезентации на кадетскиот Мундијал.

Во натпревар од групата Г, Чешка и Бразил одиграа без победник 28:28 (16:18), а репрезентацијата на Норвешка ја оствари втората победа, откако без многу проблеми триумфираше над Уругвај со 12 гола разлика, 30:18 (13:10).

На останатите натпревари фаворитите одработија според планот. Победа остварија и репрезентациите на Франција, Швајцарија, Романија, Холандија и Унгарија.

Во главната фаза пласман обезбедија репрезентациите на Холандија и Романија од групата Е, Норвешка од групата Г, Јужна Кореја како прв претставник од групата Ф, како и Унгарија и Франција од групата Х.