Спектакуларна завршница во СЕХА пред стартот на „новата ера“...Прволигашки дебакл во новиот македонски систем
1.„Бронзена“ промоција за битолчани на Ф4
Регионалната СЕХА лига испорача уште една спектакуларно Ф4 издание на стартот од својата втора декада и во најава на „новата ера“ со неколку клучни промени. И 11-от Ф4 турнир во СЕХА, како и претходните десет, организациски и натпреварувачки беше многу блиску до најголемите европски завршници, заедно со Видерер и со цела европска елита во ВИП-от. Донесе драматично финале, пресврт во 59.минута, нова, вкупно петта титула за Веспрем со која унгарскиот тим го стигна Вардар. Донесе и „вардарски отпор“ на ППД Загреб во новиот концепт на Обрван со тројца екс-вардарци во составот.
Донесе и „бронзена“ промоција на Еурофарм Пелистер во првиот настап на Ф4 во СЕХА. Пелистерци стартуваа со пораз од Веспрем, горе-долу очекуван, но потоа ја запишаа и првата Ф4 победа против Нексе за прв подиум во СЕХА.
Битолчани од Задар се враќаат со „бронза“, со драгоцено искуство, со неколку индивидуални признанија, но и со признание за претседателот Зоран Стерјев, назначен за нов член во УО на СЕХА лигата, позиција за која некои се борат со години, а првиот човек на битолскиот клуб ја освои за две-три сезони.
Собрано се на се, ова беше релативно успешно Ф4 деби и апсолутно успешна промоција и зацврстена позиција на Еурофарм Пелистер во регионалната лига.
2.СЕХА со стариот имиџ во нов формат
Вардар како еден од основоположниците и до вчера неприкосновен со пет СЕХА титули, веќе две сезони по ред го нема меѓу четирите најдобри на завршниот турнир во регионалната лига. А, во иднина ќе го нема ни Михајло Михајловски на челната позиција во СЕХА лигата. Вардар, сепак, останува еден од стандардните учеснции во СЕХА, претседателот на Вардар во регионалната лига останува со почесна претседателска титула, а онаа оперативната му ја препушти на Божидар Ѓурковиќ.
Македонската страна во раководните структири на регионалната лига освен со Стерјев како нов член во УО, останува застапена и со искуството на Марјан Начевски со нов четиригодишен мандат како комесар на лигата.
СЕХА лигата која во изминатите две сезони претрпе сериозни последици прво од пандемијата, а потоа и од војната, во новата сезона, освен со нов претседател, ќе стартува и со нов формат – според најавите, поделена на Исток и Запад кои на крај ќе ги спои заеднички фајнал-фор. Со предзнак на ракометен спектакл, веќе етаблиран како престижен, добро организиран и во последниве години со малку необичен, но од екипите добро прифатен термин како увертира за новата сезона.
3.Згаснуваат клубови еден по друг
Новите структури и формати на стартот од новата сезона, актуелни се и на домашна сцена. Сектакуларното проширување на македонската Супер лига во еднаш избришаниот и сега повторно вратен формат со 16 екипи и собирање на се останато на куп во Прва, автоматски го поместува фокусот на интерес, го разводнува квалитетот „и горе и долу“, а сега вклучува и сериозен аларм за македонскиот ракомет, по серијата откажувања на клубовите на стартот на новата сезона.
Наместо планираните 20, во машката Прва лига во новата сезона ќе играат само 16, а можеби и уште помалку ако продолжи негативниот тренд на откажување на екипите.
Кај нас се е супер, само што во меѓувреме во беспарица згаснува најстариот клуб Работнички, се откажува поранешниот шампион Борец, а покрај нив, од натпреварувачкиот систем излегуваат и Риниа и несудениот дебитант Ѓорче Петров.
Во женска конкуренција, летово не преживеа битолски Феникс, а уште неколку клуба се тука некаде на линија…
Поголем дел од клубовите кубурат со финансии, дел не можат да ја соберат ни квотата од минимум 16 играчи, а голем дел имаат дефицит и во младинските категории. Новата ситуација налага итна корекција во системот на натпреварување за да се минимизира штетата кога веќе не е навреме направена реална проценка.
И одново и одново го отвора прашањето дали на Македонија и треба ваква гломазна лига, дали некој ги согледува последиците од она што последниве години стана лоша практика – секоја сезона да се менува системот на натпреварување според одредени интереси, а не според реалните можности и потреби.
Впрочем, не залудно постоеше она старо правило, дека системот на натпреварување со одлука на Собранието на РФМ се менува за две сезони однапред, за да може клубовите да ги планираат буџетот и активностите, а не да се менува секоја година на неколку месеци пред почетокот на сезоната, затоа што некој така сака! А, после не знаат на каде тераат. Впрочем, ако ви текнува, токму од Работнички ја тераа иницијативата и „бркаа“ потписи за голема Супер лига. И за само неколку месеци откако „завршија работа“ за другите, згаснаа во Прва…
Правилото за промена на системот на натпреварување, во меѓувреме некако тивко го снема во оние објавени-не објавени он-лајн одлуки донесени „по брза постапка во вонредна ситуација“ што поминуваат лесно, речиси незабележано и најчесто без реакција.
Се додека „не тропне мечката и на твоја врата“. Кога ќе тропне, касно е веќе…