Далеку е Шпанија за женската македонска репрезентација
1.Македонија до баражот, што после?
Тамам кренавме малку глава и веднаш добивме по нос! Или барем така изгледаше пред неполн месец. Женската ракометна репрезентација на Македонија е пред елиминација во баражот за СП 2021 во Шпанија, со -11 од првиот дуел со Романија во Букурешт. Теоретски, останува да се одигра и скопскиот реванш, но практично на македонските ракометарки и на селекторот Симе Симовски ќе им треба вистинско чудо преку Романија да стигнат до Шпанија.
За македонската женска репрезентација неколку години наназад баражот е границата што тешко се преминува. Реалноста е од едната, желбата од другата страна. Трите победи во скопските квалификации овој пат малку повеќе ја подгреаја надежта дека овој пат можеби, Македонија конечно ќе може да зачекори на другата страна. Иако, за секој што и малку разбира ракомет јасно беше дека Романија е превисока пречка и на Македонија ќе и треба перфекција за таков историски подвиг.
Но, македонското издание во Букурешт, реално беше далеку од тоа. По некои потези јасно беше дека повеќе сме подготвени за пораз отколку за подвиг.
Зошто?
Репрезентација со по едно крило и еден десен бек во состав од старт е импровизација. Со импровизација и Норвешка тешко може да победи, а не Македонија.
Од 16 на список само 11 беа во ротација, младите кои оставија солиден впечаток во квалификациите, во Букурешт останаа на клупа. Дел од интернационалките, пак не беа ни на список. Зошто?
Од стартната бековска тројка Ѓоргиевска – Стојановска – Ливриниќ вкупниот учинок е 1 гол и 10 промашувања!
Голгетерска поддршка од капитенот, без замена – 0!
Промашени 3 седмерци од вкупните 8.
Сара Ристовска (8/10) стандардно најефикасна и во ваква концепциија.
Најсветли точки Моника Јаневска (5/5) и Симона Стојковска (5/6) како резервна опција. Лоша проценка или тренерска тактика? Кој ќе знае. Како и да е – предоцна.
Поддршка од голманите оставени сами на себе 1+3 или вкупно 4 одбрани! Поддршка за голманите од клупа – претходно отворена тема и вообичаено, турната под тепих!
Примени голови од Кристина Неагу 12 од 15. Уште автограм да и земевме!
Пораз со тешко достижни -11 и уште еден бараж од оние „до тука ни е“!
Романија и по рејтинг и по квалитет и по континуитет , реално е голем фаворит во овој дуел. Но, до каде е Македонија на женската ракометна мапа?
До тука ли е и за оваа генерација, или нешто друго треба да се менува во женската репрезентација? Што имаме и колку можеме? До системот ли е или до изборот? До поддршката и трпението, сигурно не е…
И, што после баражот?
2.Враќање на сехалигашите и потписи на новиот систем
Системот и промените беа актуелни изминатава седмица и на едно подруго домашно натпреварувачко ниво. По едногодишната проширена верзија 14+2, домашната Супер лига конечно, се враќа во „нормален“ формат, од следната сезона со 12, а од сезоната по неа (2022/2023) со 10 екипи во најсилното натпреварување. Во домашното првенство од следната сезона целосно се враќаат и сехалигашите кои во изминатите сезони во интерес на настапите во регионалната лига, дома играа само во плеј-офот.
Одлуката за новиот систем на натпреварување по Статут, донесена на минатогодишното Собрание на РФМ, за сите да бидат задоволни, беше ставена и на дополнителна „анализа и комуникација“ со клубовите. И формално, доби амин заверен со потпис од 14 од вкупните 16 сегашни суперлигаши. Против враќањето на сехалигашите дома и новиот систем на натпреварување во Супер лигата и во Прва лига, барем според приложениот список, биле само Вардар 1961 и Работнички.
Еурофарм Пелистер како сè уште актуелен вицешампион и втор македонски претставник во СЕХА во изминатите две сезони, по есенското искуство без натпревар, овој пат логично, и дава предност на домашната пред регионалната лига. Според потписите, се разбира.
Од оваа перспектива, мене искрено, уште не ми е јасно зошто воопшто беше потребно она едносезонско пандемиско проширување на Супер лигата на 16? Уште повеќе ако се има предвид и фактот дека и оние клубови кои лани на мала врата станаа суперлигаши, сега се потпишале за скратување на лигата? Кои се придобивките од овој „експеримент“? Добивме ли поквалитетни клубови и оживеани центри или се беше само услуга за ваучер? Што добија клубовите и македонскиот ракомет од исток-запад регуларното првенство, кога вистинските пресметки всушност се набиени во плеј-офот и плеј-аутот во овие два-три месеци?
И едно интересно прашање што некако се врти деновиве. Дали и во новиот скратен систем треба да остане проширен плеј-оф со шест екипи или за Супер лигата можеби би била многу поефектна Ф4 завршница? Сега кога нели, првенството ќе биде комплетно со шампионот и вицешампионот уште од старт тоа би била и некоја логична разврска што ќе му даде дополнителен квалитет и неизвесност и на оној т.н. регуларен дел од суперлигашкото првенство.
Сè за доброто на македонскиот ракомет, нели.
3.Она што беше дерби, пак е дерби
Неизвесните дуели, неочекуваните резултати и пресврти во годинашниот плеј-оф само уште еднаш потврдуваат дека суперлигашкиот квалитет, вложувања и амбиции генерално е концентриран во тој круг. И дека апсолутно е оправдана одлуката за враќање на сехалигашите во домашното превнство. Дуелите со шампионот и со вицешампионот секогаш се дополнителен мотив и предизвик и сигурно ќе значат понеизвесно и многу поквалитетно првенство.
Впрочем, токму викендов тоа најдобро се виде на терен. Металург во Автокоманда му беше достоен противник на Вардар и до последните минути се држеше во егал. „Металурзи“ сезонава баш и немаат некоја добра пролет со само една победа и две нерешени во седум натпревари, но ете, против Вардар го одиграа најдобриот меч и пресметката во Автокоманда пак беше како она старото добро дерби меѓу скопските ривали.
Мотивицијата на најјако се вклучи и во Охрид, во пресметката на непоразениот од есенскиот дел и актуелниот вицешампион. И Охрид како и Металург на крајот загуби, но Еурофарм Пелистер чесно се испоти за овие бодови.
Замислете вакви дуели во текот на целата сезона, плус публика!
Супер Супер лига во најава. Ако се биде како што треба, се разбира.