Да се гледа Вардар во ваква ситуација, Гедбан да се кара со вардаровите навивачи… а, македонските таленти да чекаат зад него на ред!
1.Година за радост, година за жалост
Вардар го одигра последниот натпревар во Лигата на шампионите во шампионската 2019 година. Далеку од шампионски… Можеби судбината и тука ги замеша прстите, па се случи Вардар во иста година со Веспрем да ја прослави најголемата победа за втора радост во Келн и најголемиот пораз, помножен со два, за голема жалост во Скопје.
Таму некаде на почетокот на годината со сите кризи и проблеми, малку кој веруваше дека Вардар во јуни пак ќе стане европски шампион. Но, после таа сензација и еуфорија, никој, ама баш никој, не можеше да претпостави дека само неколку месеци подоцна шампионот ќе заврши како празна мрежа во лошо одиграни „седум на шест“ на која противниците ќе „билдаат“ разлика.
„Ова е нашата реалноста сега…“ ќе рече спортскиот директор ем тренер на Вардар, Едуард Кокшаров, откако „црвено-црните“ немоќно го испратија Веспрем со уште една деветка во минус и 38 гола во мрежата.
„Греота е да се гледа Вардар во ваква ситуација…“, ќе погоди право во нервот Дејан Манасков, изразувајќи верба дека Вардар пак ќе победува кога ќе се комплетира. Искрено сочувствително дури и кога е на другата страна на теренот, како секој што бил дел од Вардар и како секој наш спортист што знае добро што значи Вардар за македонскиот спорт.
Европскиот шампион ја завршува оваа полусезона на шестото место во групата со три порази во серија од вкупните пет, од нив еден со 11-ка од Кил, еден со 10-ка од Келце, два со 9-ки од Веспрем…
Во некои убави времиња, Скопје беше „вулканот“ во кој гореа противниците. Сега веќе е некоја друга ситуација.
Што е за право, атмосферата во „Јане“ сè уште е онаа препознатливата, ама Вардар веќе е непрепознатлив во својата анемија. Од оваа перспектива, катастрофата од Кил во четвртото коло, изгледа дека не била само лоша епизода ставена најмногу „на душа“ на тренерот Давид Писонеро, туку многу подлабок проблем и најава за цела една лоша серија.
Веќе е сто пати апсолвирано дека тренерската интервенција на клупата не го врати препознатливиот лик на европскиот шампион. Од натпревар во натпревар, како што се заредија поразите со 30+ гола во мрежата, така почна да се топи и вербата во нескршливиот тимски дух на „црвено-црните“. Впрочем, не залудно велат, духот е силен, ама не може да ги плати долговите, нема жиро сметка…
Проклетство на шампионите, последици од кризите, големи очекувања и неисполнети ветувања, проблеми со повреди или лоши проценки во трансферите… Што и да е, греота е да биде ваков Вардар.
2.„Гревот“ на Гедбан
Греота е и Алжирецот Калифа Гедбан по многу „профучени“ топки во мрежата и со само една одбрана, да излезе и да расчистува сметки со навивачите. Не доликува.
Можеби публиката го загуби трпението со алжирскиот голман со статус на прв чувар на мрежата на Вардар, но, не и со таква „статистика“ на голот, па го побара младиот Кизиќ.
Можеби и Гедбан ги загуби нервите со одбраната и со повиците од гледачите. А, можеби и толку му се можностите. Но, тоа никако не ја оправдува неговата постапка и пресметка со трибините, кои патем знаеле да го дигнат и до небо и само 2-3 да фати. Греота е тоа да се заборави и на прва да се кренат тупаници…
Греота е и македонските таленти во „црвено-црниот“ дрес да чекаат колапс ситуации за да фатат пет минути на терен, кога нема друго или кога треба алиби. Греота е така да се фрлаат во оган, а на прва да се селектираат потпросечни Алжирци и Летонци. Греота е…
Но, во секое лошо, за среќа, има и по нешто добро. Да не потфрлеа дебело Гедбан и Кугис, можеби никогаш немаше да видиме, барем не на голот на Вардар во ЛШ, колку вреди Марко Кизиќ. Или на последната, каков потенцијал носи Васил Гогов.
Ако одеше сè како што треба, ќе подостареше на клупа и Димитар Димитријоски чекајќи да излезе Дибиров…
Македонската младина, не изгоре во пеколот на „црвено-црната“ агонија. Напротив!
И, ете, во цела мака вчера, ние фанатиците фативме и по некој светол момент. Да не биде сè така црно од „црвено-црниот“ шампион на крајот од годината. Греота е…
3.Бидна Еурофарм Пелистер, аирлија
Греота е и ракометна Битола да има тим во Лига на шампиони, а да нема публика. Па бидна долгоочекуваната реализација на битолската платформа и „спојката“ на финансиски моќниот Еурофарм Работник со навивачки помоќниот Пелистер кој го има градот и традицијата на своја страна, но во последниве години хронично нема ни пари, ни резултати како оние некогаш.
За едни е фузија за други не е. За едни чини дресот, за други е многу син, а малку зелен. Само на рабовите…За едни името треба да биде обратно, ако веќе се споиле, за други се си е потамам.
За оние потврдокорните, договорот е уште една „ујдурма“. За оние пак, што гледаат малку поотворено на работите во градот под Пелистер, договорот е полн погодок што ќе ја вивне Битола на европската ракометна мапа. Вистината е обично, некаде на средина, а времето праведен судија.
Како и да е „фармацевтите“ во една недела го сменија тренерот, се споија со Пелистер и победнички ја завршија дебитантската сезона во Лигата на шампионите. Резултатот можеби беше небитен и за едните и за другите, ама во архива ќе си стои дека во Битола паднала и шпанска Бидасоа Ирун. А, ќе му стои таа победа во ЛШ и во си-ви-то на Божидар Мојсов како една од оние куриозитетни тренерски ситуации што се паметат со години. Нешто како онаа легендарната кога Столе Петрушевски со Вардар го победи Кил.
Греота е што Стевче Алушовски не го дочека победничкиот финиш на клупата, кога неговите играчи ги погодуваа оние што претходно лесно ги промашуваа, бидејќи на крај на денот, Еурофарм Работник имаше солидно дебитантско издание во ЛШ што во голем дел е и негова заслуга. Ама, таква е тренерската судбина, посебно овде на „балкански“ терен каде што стално нешто (некој) тресе и дрма.