Своевремено беше желба на Вардар, а сега најдобриот стрелец на Грузија оди во Германија

Перспективниот репрезентативец на Грузија, Гиорги Цковребадзе, кој беше еден од најзаслужните за обезбедениот пласман на својата репрезентација на ЕП 2024, ќе има нов предизвик во својата кариера.

Цковребадзе во следната сезона ќе настапува во најсилната лига на светот, односно во Бундес лигата. 22-годишниот десен бек ќе ги засили редовите на Гумерзбах, клуб кој што моментално е предводен од некогашниот исландски репрезентативец Гудјон Валур Сигурдсон.

Младиот ракометар во Гумерзбах ќе биде замена за српскиот интернационалец Немања Зеленовиќ и со раководството на бундеслигашот се договори на соработка, со важност од четири години.

За Цковребадзе постоеше интерес од Вардар пред да замине во Франција, но трансферот не се реализираше. Грузиецот веќе четири сезони го носи дресот на Монпелје, додека во сезона 2011/22 беше позајмен во Винтертур.

Тој со осум погодоци ја предводеше Грузија до триумф над Унгарија во квалификациите за пласман на Европското првенство 2024. Токму победата над Унгарија значеше историски пласман на Грузија на големите натпреварувања.