Актуелниот селектор на женската сениорска репрезентација ја нема валидната лиценца да води репрезентација, па РФМ „телефонски“ му бара помошник што ќе седи на клупата, а притоа ќе има и мастер коуч лиценца, што е услов од ЕХФ.
Откако телефонски го разреши претходниот стручен штаб без објаснување, и за пријателските средби со Турција привремено имаше други лица во националниот стручен штаб, сега РФМ и селекторот Љубомир Савевски бараат нов соработник што ќе седи со него на клупата. Но, услов е тој да има и мастер коуч лиценца, услов од ЕХФ за сите репрезентации, барем еден од официјалните лица да има валидна лиценца.
Сегашните соработници на Савевски – Александар Царчев, Едуарда Аморим и Мери Арсениевска кои беа на подготовките за пријателските мечеви со Турција ја немаат потребната лиценца. Аморим истовремено очекува принова, и еден од нејзините статуси на социјалните мрежи кажува дека таа ќе биде само три месеци со нашиот национален тим. Во моментов не работи никаде како тренер.
Актуелниот селектор се уште го нема посакуван успех со сениорките, и Македонија се надева дека токму двомечот со Украина сега, на почетокот на април можеме да дојдеме до она што го посакуваме по пауза од 2007 година повторно да играме на СП.
Првиот меч со Украина се игра на 8 април во Скопје, а реваншот е на 11 април во Унгарија во Кишварда, блиску до границата со Украина. Победникот од тој двомеч ќе игра на СП што ќе се одржи во Данска, Норвешка и Шведска од 30 ноември до 17 декември.
Откако РФМ сфатиле дека ќе мора да имаат лиценциран тренер на клупата, почнува и потрагата по идеалниот кандидат. Ќе треба да седи на клупата, а Савевски да го води тимот.
Во моментов има 33 тренери од Македонија кои ја имаат потребната мастер коуч лиценца. Некои од нив не се во Македонија, а некои се дел од машки тимови, па затоа не влегуваат во комбинација за дел од стручниот штаб.
Од оние што се на списокот „иделен соработник“ би бил еден од следниве тренери со мастер коуч лиценца: Благојче Весиќ, Никола Матлиески, Аце Станковски, Индира Кастратовиќ, Рубин Кузманоски, Александар Петровски, Симе Симовски, Билјана Црвенковска, Адријано Котевски, Кирил Атанасовски…
Ако Савевски се пишмани, може повторно да ја повика Јулијана Дамчевска која и досега беше дел од стручниот штаб, но таа заедно со Тања Андрева беа „разрешени“ телефонски по ЕП.
Селекторот го објави и списокот од 35 ракометарки, на кој има 12 интернационалки и 23 од домашното првенство. Меѓу нив и Ива Божиновска од Ѓорче Петров, за која РФМ и селекторот се уште мислат дека игра во Металург, па така и ја водат во својот тефтер.