Екипата на Еурофарм Пелистер утре на домашен терен ќе ја започне европската авантура.
Прв ривал на избраниците на Ларс Валтер во рамки од 1. коло од Лига на Европа ќе биде екипата на Архус од Данска.
Капитенот на Еурофарм Пелистер, Мирко Радовиќ очекува тежок натпревар против данскиот тим, но смета дека со поддршка на навивачите можат да направат поволен резултат и со победа да ја започнат сезоната во ЛЕ.
,,Добро се подготвуваме, направивме видео-анализа. Знаеме каква екипа ни доаѓа. Играат добро тимски, брзо се движи топката, тоа е таа данска школа на ракомет. Многу брзо играат, трчаат брз центар… Немаме многу време за подготовка, но ние знаеме каква екипа сме и што можеме. Во оваа атмосфера мислам дека имаме шанси и тоа ќе го покажеме во вторник. Ќе видиме колку ни одговараат со стилот. Во овој прв дел од сезоната немавме можност да се сретнеме со екипа која игра таков атомски ракомет. Но, мислам дека треба да се грижиме повеќе за нас и нашата игра. На нашата игра е акцентот. Во оваа атмосфера имаме што да покажеме и гледачите ќе уживаат како и на секој европски натпревар во Битола. Да покажеме каква екипа сме кога играме на домашен терен”, изјави Радовиќ.
Младиот ракометар Павле Атанасијевиќ исто така се надева на позитивен исход од дуелот против Архус.
,,Се подготвуваме многу добро, јако тренираме. Ја гледавме данската екипа како игра, се поставуваме да играме подобро и мислам дека на крајот од денот ќе издвојуваме победа. Многу добро ни дојдоа овие седум натпревари од домашното првенство, се разигруваме и тоа е многу добро за нас пред европските натпревари”, изјави Атанасијевиќ.
Натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер и Архус ќе се одигра на 25 октомври со почеток од 20:45 часот во спортската сала „Боро Чурлевски“.