Екипата на Магдебург по пауза од 21 година ја освои титулата во Бундес лигата. Иако не ја одбранија титулата во Лига на Европа, сепак, избраниците на Бенет Вигерт со освојувањето на шампионската титула во најсилната лига на светот, имаа спектакуларен пречек од околу 20.000 навивачи на централниот плоштад во Магдебург.
Како што веќе беше познато, Магдебург на две кола пред крајот ја обезбеди долго посакуваната титула, а натпреварот против Рајн Некар од последното коло беше вистинско уживање за симпатизерите на новиот шампион во Бундес лигата.
Централниот плоштад во Магдебург беше претесен за сите навивачи на клубот, кои со нетрпение ги очекуваа нивните миленици.
По натпреварот со Рајн Некар, ракометарите на Магдебург беа на прием во градското собрание на градот и потоа со навивачите во спектакуларна атмосфера ја прославија шампионската титула.