Охриѓани децидни: По сите критериуми заслужуваме место во Лигата на Европа!

Во следната сезона, Македонија ќе има четири претставници во европските купови. Вардар ќе биде дел од Лигата на шампионите, а во Лигата на Европа треба да играат три екипи.

Металург би требало да добие директно место во групната фаза, Еурофарм Пелистер би играл второ квалификациско коло, додека за третото место ќе се „борат“ Охрид, Бутел Скопје и Пролет.

По ланскиот настап во плеј-аут, Охрид сезонава се врати во разигрување за титула, но не стигна да одигра таму.

„Сезонава направивме еден чекор напред со промена на тренерот и бевме едно ниво повисоко, како организациски, така и играчки, едноставно го променивме начинот на функционирање. Немавме голема конкуренција во Суперлигата. Задоволен сум резултатски и од играта како се движеше од коло во коло. Имавме големи амбиции во плеј-офот и сигурно некој од фаворитите ќе паднеше во Охрид“, вели Горан Недески, спортски директор на Охрид.

Од следната сезона се менува системот на натпреварување во Суперлигата, а охриѓани имаат поделено мислење, но сметаат дека сепак ќе донесе квалитет, ако не оваа сезона, таа по неа.

„Новиот систем отвара добар простор за сезоната после неа, 2021/2022, да се направи селекција пред да се приклучат Вардар и Еурофарм Пелистер ќе бидат само десет екипи и ќе гледаме добар ракомет. Следнава сезона можеби првите наптревари нема да бидат доволно квалитетни, но би сакал да грешам и сите екипи доволно да се засилат, да бидат конкурентни. Ние сакаме да има квалитет, ривалитет што ќе го зголеми квалитетот на лигата. Потоа во плеј-офот ќе се приклучат и двете екипи од СЕХА. За сезоната после неа, публиката и во Кавадарци и во Радовиш, Струга, Охрид ќе има можност да ги гледа Вардар и Металург или Еурофарм Пелистер“, продолжува Недески.

Оваа седмица Управниот Одбор на РФМ треба да реши кои тимови ќе ја претставуваат Македонија во европските купови.

„Ако одиме по логика дека Металург треба да има сигурно место, тогаш и Охрид треба да е сигурен учесник во Лигата на Европа, затоа што тие две екипи беа прво и второ место во Суперлигата. Ако одиме по други критериуми, претходни учества во европски купови – Пролет секогаш игра само на гостински терен, Бутел лани беше елиминиран во првиот настап, а Охрид во настапот во ЕХФ Купот мина едно коло, значи повторно ние би требало да го добиеме местото. По сите статистички показатели, Охрид заслужува место во Лигата на Европа. Нашиот интерес, нашите амбиции и нашиот ростер ни дозволуваат да побараме од РФМ да бидеме претставник во Европа и можеме да го претставиме македонскиот ракомет во Европа“, вели спортскиот директор на Охрид.