Обрадовиќ за 24 Ракомет ТВ: Во Македонија се играше ракомет и пред, ќе се игра и после Лазаров

Актуелниот селектор на женската репрезентација на Србија и тренер на машкиот тим на Пролетер од Зрењанин, Љубомир Обрадовиќ во сезоната 2000/01 беше и на клупата на Вардар. Тој има одлични резултати зад себе како тренер и како селектор бидејќи има победувано на шампионатите.

Во 2000 година кога Кирил Лазаров беше уште на почеток на својата кариера, а тоа лето беше капитен на младинската селекција на ЕП во Атина, Обрадовиќ со селекцијата на Југославија стигна до златниот медал. Тој одлично ги познава работите и во ракометот во Македонија, а вели дека Македонија секогаш имала и уште има големи таленти.

„Јасно е дека во Македонија ракометот се играше и пред Кире Лазаров и дека ќе се игра и после него. На Светското првенство за кадети видов дека Македонија има нов талент кој шутира со лева рака. Серафимов има одлични предиспозиции. Тој е уште кадет и има простор за развој. Од моја страна можам да кажам дека во Македонија одлично се работи и се вложува. Се вложуваат сериозни пари. Проблемот во Србија е што кошарката и одбојката ги земаа момците од 195 до 202 сантиметри што се одлични за да се стане врвен ракометар. Во Македонија тој проблем го нема. Одбојката не е на нивото како во Србија, а кошарката е исто така под ракометот. Македонија секоја година има две екипи во Лигата на шампионите, а до лани и во женската Лига на шампиони. Кремот на европскиот ракомет секоја година беше во Скопје, а сега ќе доаѓа и во Битола. Сето ова ги привлекува младите да се занимаваат со ракомет“, вели Обрадовиќ во интервју за 24 Ракомет ТВ.

Во интервјуто зборува и за својот претстој во Вардар и прави споредба со овој Вардар сега, но и за неговата тренерска кариера во Португалија. Исто така и за актуелните случувања во женската репрезентација на Србија.

Комплетното интервју со Љубомир Обрадовиќ за 24 Ракомет ТВ можете да го погледнете во видеото во продолжение.