Обрадовиќ за 24Ракомет ТВ: Сакам пак да ја почувствувам љубовта на Македонците кон ракометот (ВИДЕО)

Ракометарот од Србија, кој во сезоната 2016/17 го носеше дресот на Металург, Немања Обрадовиќ во новиот шампионат ќе биде дел од тимот на Еурофарм Пелистер. Тој е еден од ракометарите кои го засилија тимот од Битола и ќе биде сигурно освежување за вицешампионот. Во интервју за 24Ракомет ТВ тој се потсети на времето кога беше во Македонија првпат и вели дека не размислувал многу за да се врати тука бидејќи носи многу убави спомени. „Македонија ми остави одличен впечаток кога бев првпат тука во однос на сè. Тука мислам и на животот и на луѓето, а особено на ракометот така што кога дојде до малку посериозна можност за враќање не се мислев воопшто. Драго ми е да соработувам со Македонците што се однесува до ракометот и сакам да ја почувствувам страста и љубовта која ја имаат кон спортот. Во Скопје има многу што го сакаат ракометот, но и има поделеност на Вардар и Металург, па и другите екипи си имат свои фанови. Во Битола имаше две екипи, но сега е една и целиот град е заедно со нас така што мислам дека може само да биде подобро“, вели Немања Обрадовиќ. Комплетното интервју можете да го погледнете во видеото во продолжение.