Најголемиот ракометен настан во Македонија за 2022 година дефинитивно беше Европското првенство во женска конкуренција, на кое нашата држава заедно со Црна Гора и Словенија беа ко-организатори на континенталниот собир во периодот од 4 до 20 ноември.
Македонија во првата фаза беше домаќин на групата Ц, во која освен македонската репрезентација играа уште селекциите на Романија, светскиот шампион од 2019, Холандија, како и актуелниот олимписки шампион Франција.
Во Скопје во втората фаза допатуваа Црна Гора, Шпанија и Германија, кои се судрија со најдобрите три репрезентации од групата Ц, па така македонската публика во арената ,,Борис Трајковски” можеше да ги следи дел од најсилните репрезентации во женскиот ракомет.
Иако Македонија не обезбеди учество во следната фаза, избраничките на Љубомир Савевски на сите три натпревари имаа голема поддршка од трибините. Пофалби за организацијата на ЕП во Скопје пристигна и од челниците на Европската ракометна федерација (ЕХФ).
Освен ЕП во ноември, Македонија во периодот од 30 јули до 10 август беше домаќин на Светското кадетско првенство во женска конкуренција. Во финалето играа Јужна Кореја и Данска, а титулата ја освои земјата од Азија, која триумфираше со 31:27.
Во текот на летниот период се одржа традиционалниот ракометен турнир во Струга. Оваа година освен домаќинот, учествуваа и екипите на Вардар, Еурофарм Пелистер, Алкалоид и Бутел Скопје од Македонија, потоа Татран Прешов од Словачка, АЕК од Грција и словенечкиот шампион Целје. Трофејот го освои екипата на Еурофарм Пелистер, откако по изведување на седмери (7-6) го победи Целје.