ИНТЕРВЈУ ЛАЗО МАЈНОВ: Жалам што за Македонија не сум го дал максимумот, должен сум и затоа му се враќам на ракометот

Поранешниот македонски репрезентативец и интернационалец Лазо Мајнов во последниве две-три години комплетно исчезна од ракометната мапа. Во 2018 година се одлучува да стави крај на 21-годишната богата играчка кариера, а намерно или случајно тоа го прави тивко, едноставно се повлекува откако последната сезона ја одигра во Дубаи.

Остави белег секаде низ Европа – Хрватска, Словенија, Шпанија, Франција, Белорусија, Норвешка… за на крај да се врати дома, во Скопје каде си даде време и простор за од ракометниот живот да се „префрли“ на нормалниот, каде води приватен бизнис (дом за стари лица и едукативни центри за деца).

Кога ќе погледне наназад од денешна перспектива горд е на клупската кариера, а она за што најмногу жали е што не успеал најдоброто од себе да го даде за националниот дрес и во македонските клубови. Затоа по пауза од три години сериозно размислува да му се врати на ракометот. Првиот чекор ќе биде тренерска лиценца, а за понатаму ќе видиме…

„Официјално во 2018 година ставив крај на кариерата. Несвесно го направив тоа никому да не кажам, иако во главата без сигурен и свесен дека ја завршувам кариерата. Веќе немав ни желба да играм и бев подготвен за тој чекор. Кога кажав крај на ракометот направив комплетна пауза од него, дури не гледав ракомет ни на ТВ, не одев на натпревари, не сакав да мислам за ракомет, единствено комуницирав со пријателите кои сум ги стекнал преку него. Се посветив на бизнисот (водам дом за стари лица и имам едуктивни центри за деца во Скопје и Прилеп) и еве по две-три години откако ми ’легнаа’ работите, откако го направив тој премин од спортски живот на еден друг начин на живот, што на почетокот ми беше многу тешко, почнав повторно да мислам на ракомет. Поактивно следам што се случува, гледам и имам поинтензивна комуникација. Мислам дека сум му должен на ракометот и дека треба да се вратам, размислувам за тоа. Не знам дали би се вратил како тренер, но би сакал нешто да работам во ракометот. Имам собрано големо искуство. Од 21 година кариера имам научено многу, 13 години играв надвор во различни земји, и жал ми е сето она што сум го видел и искусил да остане така, да не се обидам да го пренесам по завршувањето на играчката кариера. Почнав да размислувам дека можам да оставам уште некој белег во ракометот. Сега ќе се насочам кон добивање на тренерска лиценца. Играчката и тренерската улога секако дека се многу различни и сакам да ги поминам тренерските модули, да ја имам лиценцата, иако не знам дали би бил тренер…“, признава Лазо Мајнов.

Кариерата ја започнува во Работнички, потоа четири сезони игра за Пролет, па три години минува во Вардар за на 20-21 година да ја започне интернационалната кариера. Во тие 13 години како интернационалец само трипати се враќа дома – една сезона во Вардар, полусезона во Металург, а некаде пред крајот една година е во редовите на Еурофарм Работник… Токму фактот дека во македонските клубови, а и во националниот тим се нема покажано во најдоброто светло е она за што најмногу жали во кариерата.

„Интернационалната кариера секогаш ми беше предизвик, а и финансискиот фактор секако дека играше улога. Вардар и Металург тогаш не беа она што се сега. Релативно млад, на 20-21 година заминав во странство, и ако за некоја работа жалам во мојата кариера тоа е што во македонскиот ракомет и во Македонија не сум го дал максимумот како што сум го сторил тоа некаде во странство. Надвор имам многу повеќе дадено и покажано, многу повеќе отколку во македонските клубови и во репрезентацијата. Тука исклучок прават првите две години во Вардар… Од друга страна никогаш потоа не се задржав доволно долго некаде. Една сезона во Вардар, полусезона во Металург во која дојдов поради финансискиот крах на Рибница, и потоа едвај чекав пак да заминам…“

СÈ БЕШЕ НАСОЧЕНО КОН ЛАЗАРОВ, НЕМАВМЕ ПРОСТОР ЗА ДОКАЖУВАЊЕ

Мајнов е врсник со капитенот на националниот тим Кирил Лазаров, настапува и на неговата позиција. За Македонија има одиграно 56 натпревари, но никогаш не бил дел од тимот на едно големо натпреварување. Неизбежно беше да го прашам дали тоа што истовремено игра со Лазаров влијаело и ја дефинирало неговата кариера, пред сè репрезентативната?

„Секако дека имаше голема улога. Кире беше пред мене и нормално сè беше насочено кон него. Дали јас или Митков, кој беше со нас на таа позиција, добивавме пет-десет минути простор или ако промашиме шут веднаш излегувавме и некако никогаш ја немавме онаа константност која ти е потребна за да покажеш што можеш. И денеска е така, не верувам дека и меѓу помладите има некој кој добива шанса. Влегува и излегува, толку е! Целата игра се вртеше околу него. Ниту селекторите не сакаа да прават измени, сигурно си имаа свои причини поради тоа, но од тие причини кога игравме за репрезентацијата никогаш не можевме да покажеме што навистина можеме. Немам настап на големо натпреварување со националниот тим, играв само во квалификациите. Секогаш бев во позадина и имав многу нервози со репрезентацијата. Во сезоните кога најдобро играв на клупски план, дојди за репрезентација не влегуваш во игра ниту минута, одвојуваш време, трошиш финансии, оставаш фамилија, а се чувствуваш како да не си важен иако треба да си тука, со тимот. Така се чувствував и почнав да се ’ладам’. Во Словенија (Рибница) играв одлично, бев носител на екипата, ме викнаа за репрезентација и не знам ни зошто ме повикаа таа година (2012), едноставно бев прешкртан и потоа веќе не ме ни викаа. Кога дојде Обрван тој ми даде уште една шанса, но имав операција на десното рамо во Елверум и паузирав три месеци. Прифатив, иако не требаше, одиграв еден меч со Шпанија, во кој ништо не покажав и тука е официјалниот крај. Ние бевме некоја позадина за Кире за во случај тој да се повреди ние да помогнеме, ниту јас ниту Митков нешто не се изнаигравме.“

Во тој период и Ренато Вугринец, кој игра на вашата позиција стана македонски репрезентативец.

„Го зедоа и Вугринец, не знам ни зошто!? Не им ни беше потребен затоа што Кире беше предводник на екипата. Ниту Вугринец не направи нешто посебно, не видов да помогне, не значеше ништо неговото присуство. Таа натурализација е добра само ако немаме никој на таа позиција, никој приближно со таков квалитет. Уште кога бев играч на Загреб паметам една изјава на Лино за мене. Тогаш рече: Доколку имавме подобар десен бек од Мајнов немаше тој да биде тука. И тоа треба и ние да го правиме, ако имаме некој наш треба нему да му се даде шанса, зошто да натурализираме некој играч?“ – потенцира Мајнов.

ИМАМЕ ИДНИНА, А СП ВО ЕГИПЕТ Е ЖРТВА НА СМЕНА НА ГЕНЕРАЦИЈАТА

Оној дел од ракометот од кој не можел да се откаже Лазо изминативе три години, бил националниот тим, за кој смета дека има светла иднина.

„Репрезентацијата константно ја следам и се радувам на секој нејзин успех. Се радував и кога бев изоставен од екипата, тажен затоа што сум пред ТВ, но радосен за успехот кој го постигнуваат. Во оваа, денешна репрезентација имаме почната, но недовршена смена на генерации. Убаво ќе биде ако и во една ваква фаза се избориме за пласман на ЕП 2022. Гледам добро ни тргна во квалификациите. Ќе значи многу и ќе биде големо искуство, па дури и да не направат успех на првенството. Јас како бек особено мислам за бековската позиција, им треба и време за правилно да созреат. Повеќето играчи се во странство, но немаат доволно минутажа за да бидат носители во клубовите, а со тоа и носители во репрезентацијата. Мислам дека ова добро ќе се одрази и ќе дојде нивното време. Имаме добра иднина, дури има момци, кои јас ги знам и кои се во позадина, кои чекаат за да влезат во А тимот. Тоа е добро, тие ќе притискаат, ќе има поголема конкуренција, а тоа значи дека и секој ќе мора да го дава најдоброто од себе“, потенцира Мајнов и продолжува: „Тоа што го пропуштаме СП во Египет не е добро, но мораше нешто да се жртвува. Во секоја промена на генерација и кај најдобрите селекции се случува тоа. Кога има смена на генерации нешто мора да се жртвува. Кога се прави вака комплетно, ако се оди постепено по двајца-тројца тогаш може да се задржи на високо ниво.“

ЗАГРЕБ И ОДОРХЕИ – МОМЕНТИ ЗА ПАМЕТЕЊЕ

Мајнов првото интернационално искуство го има во Загреб, клуб со кој стигнува до финалето во ЕХФ купот. Бил дел од почетоците на шампионскиот Мешков Брест во Белорусија, Елверум во Норвешка… Заедно со Горан Кузмановски, Митко Стоилов и Гоце Ојлески беа дел од македонската колонија во романски Одорхеи, со кои го освојуваат Челинџ купот.

„Убави години минав во Одорхеи каде бевме мала колонија Македонци со Кузмановски, Стоилов и Ојлески, го освоивме и Челинџ купот. Таа титула заедно со финалето во ЕХФ купот во Загреб тие два моменти би ги одвоил како посебни во мојата кариера, иако секаде беше различно, убаво или помалку убаво. Каде што беа финансиите поголеми, таму притисокот и очекувањата беа поголеми, каде имаше помали финансии, таму беше многу подобро. Во Франција, во Шпанија тоа беа убави средини и за професионален спортист и за живот. Лошо искуство имав во Брест, тоа е периодот кога почнуваше да се формира овој денешниот шампионски Мешков. Во Брест кога пристигнавме заедно со Раде Стојановиќ имавме многу лош пречек од играчите во екипата. Ние бевме меѓу првите странци од неруските земји кои дојдоа да играат во тимот, и домашните играчи имаа некоја одбивност кон нас. Нè бојкотираа за да може да си ги зачуваат позициите. Тоа никаде го немав доживеано, соиграчите не сакаа ни да се поздрават со нас, беа груби на тренинзи, многу лош пристап. Беше тешко да се тренира во такви услови, но кога видоа дека зависат од нас како играчи, затоа што ние моравме да играме, потоа се сменија работите. Таму бев прогласен и за најдобар десен бек во Купот. Останав само една полусезона. Кога си заминав од Шпанија затоа што ми должеа четири-пет плати, барав каде да поминам една полусезона и затоа отидов во Брест. Потоа потпишав за Елверум, во Норвешка каде сè беше сосем различно. Не смееше нешто да ми недостасува, дури и ако ми недостасуваше навивачите се трудеа да ми донесат, да ми дадат. Од ладна земја со ладни луѓе заминав во ладна земја, но со топли луѓе и не би можел да се согласам со тоа дека Скандинавците се ладни. Топол прием, на тренинг по 50-тина навивачи кои не следат и таа година Елверум првпат освојува двојна круна. Тоа исто така е периодот кога Кристијан Берге, го почнува проектот во клубот, кој потоа ќе ја крене и норвешката репрезентација.“

СЕ НАСЕТУВАШЕ ДЕКА ЕУРОФАРМ ЌЕ ПРЕРАСНЕ ВО ГОЛЕМ КЛУБ

Последниот македонски клуб чии дрес носел Лазо Мајнов е Еурофарм Работник. Бекот вели дека уште во почетоците се чувствувало дека овој битолски тим ќе прерасне во голем клуб.

„Од Одорхеи се вратив во Македонија, во Еурофарм Работник, каде одиграв една сезона. Се договоривме да ја продолжиме соработката и ги почнав и подготовките со нив, но добив одлична понуда од Дубаи, а луѓето од клубот ми излегоа во пресрет и ми дозволија да заминам. Се навестуваше уште тогаш дека Еурофарм ќе стане голем клуб. Луѓето беа пресериозни во работата и се виде дека сите чекори што ги прават се долгорочни. Правеа паметни потези и им беше јасно дека екипа не се формира преку ноќ, туку тоа е процес и треба време. Година по година го креваа нивото на екипата и сега со фузијата со Пелистер, преминаа на едно сосем друго ниво, тоа гледаме.“

Зошто не ја заврши кариерата дома?

„Крајот на кариерата секогаш сум си го замислувал во некоја побогата земја. Вистина одлично поминав финансиски, а имав и убав живот. Задоволен сум што ставив крај како што имав замислено.“

Архива од играчката кариера на Лазе Мајнов

 

СÈ УШТЕ МЕ БАРААТ ДА ИГРАМ

Иако бекот веќе три години е надвор од теренот, сепак, тој и натаму добива понуди за играње.

„Чудно, пред два месеци имав понуда од Чешка. (се смее) Им велам луѓе јас веќе неколку години не играм, тие ме бараат. Кога се вратив во Македонија и реков крај, имав многу понуди од странство. Се обидуваа да ме премислат да играм уште една сезона. Но бев решен во главата, а и знам дека ако прифатев потоа ќе беше ’ајде уште малку, уште една сезона’… Ќе требаше да заработам уште некоја повреда, три операции ми беа доволни.“ (се смее)

БРЕСТОВАЦ МИ ПОНУДИ ТРЕНЕРСКА РАБОТА

Мајнов сам потенцираше дека никаде не обелоденил дека става крај на кариерата и тивко се повлекол, но неговото отсуство во тоа време го забележал Данило Брестовац, кој и му понудил да остане во ракометот, во тоа време како тренер во младинската школа на Металург.

„Кога се повлеков, Данило Брестовац ми понуди во тоа време да работам со младинските категории на Металург. Но тогаш бев презаситен од ракомет и го одбив. Тој ми велеше дека не е ништо страшно, или напорно, но сакав да бидам со чиста глава за да им се посветам на тие деца со кои ќе работам. Не сакав да биде тоа колку да се наречам тренер, туку сакав да бидам спремен и да можам на тие деца вистински да им пренесам што знам. Не згрешив што го одбив тогаш, тогаш не бев подготвен, ми требаше време да се одморам од играчката кариера и од ракометот“, раскажува Мајнов и додава: „Сега ми се допаѓа тоа што Данило како селектор има голема поддршка и целосна слобода. Во неговиот стручен штаб им дава шанса на младите тренери, а тоа е одлично. Вака нашите тренери ќе дојдат до израз. Не може само странците да ни продаваат ракомет. Вистина е дека некогаш треба да се научи нешто од некој странец, но и нашите тренери знаат, само треба да добијат шанса и простор. За да успееш како тренер треба некој да ти даде шанса, а тој го прави тоа.  Истото се однесува и за младите играчи, особено за бекови. За да станеш играч треба да грешиш, да трошиш топки, да промашуваш, затоа што така ќе научиш како не треба. И да имаш тренер кој ќе стои зад тебе и во победите и во поразите.“

ВРЕМЕ Е ДА ВРАТАМ НА РАКОМЕТОТ

Десниот бек вели дека сето искуство кое го собрал како ракометар го направил подобар човек, но и му овозможил убав и нормален живот денеска, а тоа е долг кој мора да го врати.

„Задоволен сум од она што ракометот ми го даде во тие 21 година како играч – многу контакти, пријатели низ цела Европа, многу прошетав и видов, и најважното од се многу научив. Ракометот е тоа што ми дал да живеам убав и нормален живот и по него, затоа не се каам за нешто. Можеше да биде подобро ама сигурно можеше да биде и полошо. Затоа велам се чувствувам дека сум должен кон ракометот и му се враќам.“