Зорица Десподовска, МВП за ноември во Полска (ФОТО)

Интернационалката од Македонија која игра за тимот на Кобиржице во Полска, Зорица Десподовска втор месец по ред беше во трка за играч на месецот, а овој пат доби убедливо најмногу гласови.

Десподовска е играч на ноември во Супер лигата на Полска откако имаше и убедливо најмногу номинации oд сите во лигата.

При гласањето на Фејсбук страницата на Супер лигата на Полска, таа доби над 400 гласови додека другите две ракометарки Беата Ковалчук и Каролина Кочанијак заедно имаа 350 гласови.

На тој начин победата на Десподовска беше убедлива што е само награда и признание за игрите кои ги прикажуваше во досегашниот дел од сезоната.

Ова беше полусезона во која Десподовска доминираше не само во тимот на Кобиржице туку и во Супер лигата, па ова признание за ракометарка на ноември е на вистинското место и сосема заслужено.