Ракометарите на Вардар ги очекува третиот натпревар од регионалната СЕХА лига, а во Скопје гостува словачкиот првак Татран Прешов.
Еден од поискусните играчи во екипата на Вардар, Гоце Георгиевски истакна дека се надева на поволен резултат против словачкиот шампион, но и верува во триумф на „црвено-црните“ од пет гола разлика.
,,Би било фантастично да победиме со пет гола разлика, речиси ќе обезбедиме прво место во група. Пред првиот дуел, како што кажа и тренерот Недановски, немавме тренинзи, ние дојдовме директно од авион од Светско првенство на натпревар со Татран. Сега гледаме анализа од првиот дуел, како сме играле, каде сме грешеле и да ги поправиме тие грешки и мислам дека подобро ќе одиграме во петок, но сепак, Татран е добра и квалитетна екипа и доколку го испочитуваме она што ќе го договориме да го играме на тој натпревар, мислам дека ќе победиме, се надевам и со пет гола разлика. На дуелот со Татран можевме да изгубиме и со помалку негатива, имавме напад за минус еден, но во последните минути направиме неколку грешки и одите на четири гола разлика и мислам дека не е реална таа разлика од четири гола. Ќе одиме на победа од пет гола разлика и ќе видиме што ќе се случи”, изјави Георгиевски.
Десното крило посочи дека за победа ќе биде потребна подобра игра во одбраната.
,,Мислам дека кога се игра подобра одбрана, се игра и подобар напад. Таа самодоверба, која ја имаш во одбраната ја пренесуваш и во нападот, играш послободно и мислам дека одбраната го добива натпреварот и одбраната ако функционира на едно добро и високо ниво, верувам дека ќе победиме”, заврши Георгиевски.
Натпреварот меѓу Вардар и Татран Прешов се игра в петок во СЦ „Јане Сандански“ со почеток во 18:00 часот.
Недановски пред Татран: Ќе направиме сè да се избориме за прво место во групата