Висок триумф на пелистерци во Кавадарци, први низ целта до плеј-оф

Ракометарите на Еурофарм Пелистер во рамки од претпоследното коло од Суперлигата на гостувањето во Кавадарци кај Тиквеш со одличната игра во вторите 30 минути обезбедија сигурна победа со 30:20.

Битолскиот тим со денешниот триумф го осигура првото место во групата Б и во плеј-оф фазата ќе пренесе максимален број на бодови (3).

Домаќините стартуваа мотивирано и со голот на Коцев го отворија натпреварот за водство од 1:0. Гостите од Битола влегоа во грч, не играа на посакуваното ниво и по седум минути игра заостануваа на минус два гола разлика 4:2. Следуваше период во кој ,,фармацевтите” ја подобрија играта и изедначија на 4:4. До крајот на првото полувреме се играше во егал, ниту една од двете екипи не можеше да направи поголема разлика од два гола, па така резултатот најчесто беше нерешен.

Во финишот двата табора се менуваа во водство, домаќинот пропушти неколку напади за да ја врати предноста од два гола разлика, додека гостите не можеа да направат исчекор и да го скршат отпорот на мотивираниот домаќин. По 30 минути игра резултатот беше 13:12 за гостите.

Еурофарм Пелистер во продолжението, односно во 36 минута набрзина дојде до дотогаш највисоките ,,плус четири” 18:14, ја прочита играта на домаќинот и во останатиот дел од натпреварот немаше поголеми проблеми. Тиквеш немаше многу идеја во нападите, ги зголеми техничките грешки и му дозволи на гостинот да има целосна контрола на резултатот.

Избраниците на Валтер со неколку лесни погодоци зголемија на 24:16 во 50 минута и веќе тука беа завршени надежите на домаќините за евентуален камбек. Цврстата одбрана на Еурофарм Пелистер во вториот дел дозволи домаќините да постигнат само осум погодоци, додека битолчани во вторите 30 минути постигнаа 17 гола.

Најефикасен во победничката екипа беше Себастијан Хенеберг со пет погодоци, додека Жарко Пешевски, Емилијан Ѓорговски, Ненад Костоски и Цветан Кузманоски имаа по четири реализации. Во поразениот табор прв стрелец беше Страхиња Симиќ со четири погодоци.

Тимот на Еурофарм Пелистер во последното коло на свој терен ќе го пречека незгодниот Пролет, додека Тиквеш ќе гостува во Скопје кај Голден Арт.