Поранешниот шампион на Франција, Флери Луар се наоѓа пред згаснување доколку во период од две недели не успее да најде 150.000 евра.
Клубот веќе извесен период има финансиски потешкотии, а дополнително францускиот клуб влезе во криза, откако минатата сезона не успеа да обезбеди опстанок во најквалитетното натпреварување во Франција и се пресели во втората француска лига.
Според пишувањата на француските медиуми, иако клубот успеал да собере 80.000 евра од дополнителни партнерства, односно спонзорства и околу 70.000 евра од локалните власти, сепак, му недостасуваат 150.000 евра, со цел да има целосна финансиска гаранција за претстојната сезона, која е неопходна и која е задолжителна за секој клуб.
Сумата од околу 150.000 евра треба најдоцна да се обезбеди до 30 септември. Доколку не може да се обезбедат финансии, клубот, кој во 2015 година ја освои шампионската титула во Франција и кој во сезона 2015/16 учествуваше во Лигата на шампионите, може да престане да постои.