Поранешниот вардарец Хорхе Македа веќе втора сезона го носи дресот на унгарскиот ПИК Сегед.
Минатата сезона неговиот ПИК Сегед беше елиминиран од Вардар, но сега двомечот од осминафиналето е одложен за почетокот на јуни.
Поради ширењето на коронавирусот, нејасно е дали и тогаш ќе биде одигран. Шпанскиот десен бек не мисли на дуелите со Вардар.
„Мислите не ми се насочени кон ракометот. Ова не е време да размислувам за Вардар, сите ние сме фокусирани само на тоа да останеме здрави и да го победиме коронавирусот. Кога ќе биде донесена одлука за враќање на тренинзи ќе се насочиме кон ракометните предизвици. Ова беше добра сезона за мене и за ПИК Сегед до прекинот, но во моментот натпреварувањето е на второ место“, вели Македа за сајтот на ЕХФ.
Во унгарското првенство ПИК Сегед е втор зад Веспрем, и доколку биде стопирано поради коронавирусот, идниот тим на Македа – Веспрем ќе стане шампион.