Поповски добар пеналџија, Цирих освои бод на тешкото гостување кај Криенс

Тимот на Амичитија Цирих, каде што настапува македонскиот репрезентативец Мартин Поповски, стигна до првиот бод во новата сезона.

По поразот кај Кадетен на гости, и минималниот дома од Фади Винтертур, Цирих беше на тешко гостување кај ривалот на Металург во Лигата на Европа – Криенс Луцерн, и успеа да освои бод, 29-29.

И на полувремето беше нерешено, 13-13, а Поповски и соиграчите постојано бркаа домашна предност од еден или два гола разлика.

Десното крило беше стрелец на четири погодоци од пет обиди, а три од нив беа од седум метри. Покрај тоа Поповски заработи и две казни од по две минути.

На претходниот дуел со Винтертур, кој Цирих го загуби дома со 26-27, македонскиот репрезентативец беше најдобар стрелец со седум погодоци.