Начевски и Николов до крај во Стокхолм, в недела ќе го судат финалето

Најдобрите македонски судии, Ѓорѓи Начевски и Славе Николов добија големо признание на Европското првенство откако денеска ја дознаа најубавата вест, а таа е дека в недела од 16:30 часот ќе го судат финалето.

Ова е доказ дека Начевски и Николов покажаа квалитет на овој шампионат и дека и понатаму важат за едни од најдобрите судии во Европа и во светот. Тие имаа неколку натпревари на ова првенство на кое добија добри оценки така што со ова само добиваат уште еднаш голема потврда за сето она што го правеа на шампионатот.

За нив ова ќе биде прво големо финале на сениорско натпреварување. Додека судеа натпревари во младинска конкуренција имаа едно финале на Мундијал за младинци.

Со добивањето на финале на Европското првенство јасно е дека веќе си го имаат визирано местото и за Олимписките игри во Токио така што сигурно ќе бидат дел и од ова натпреварување во текот на ова лето каде што исто така ќе бидат во конкуренција за главните натпревари.

Нема да биде изненадување доколку годинава ги видиме и на натпреварите на Ф4 турнирот во Келн со оглед на добрата форма која ја демонстрираат веќе неколку години.