Македонскиот двобој во Бундес лигата заврши без победник

Денес во Бундеслигата се одиграа неколку натпревари, а најинтересно беше на дербито помеѓу екипата на Лудвигсхафен и Вецлар. Натпреварот заврши нерешено, 27:27. На полувреме домашната екипа имаше пет голови предност, 15:10.

Своја улога во резултатот имаше репрезентативецот на Македонија и член на Лудвигсхафен, Мартин Томовски. Младиот голман се покажа во солидно издание и натпреварот го заврши со вкупно седум интервенции.

Вториот ракометар од Македонија, Филип Миркуловски, не успеа да се запише во листата на стрелци за Вецлар.

И покрај нерешениот резултат, Лудвигсхафен, се наоѓа во опасната зона на табелата, додека екипата на Вецлар моментално е на 9. позиција и има големи шанси за уште подобар пласман доколку има позитивни резултати во наредниот период.

Следен предизвик за Томовски и Лудвигсхафен е гостувањето против Рајн Некар на 18 март, а еден ден порано, Вецлар и Миркуловски на домашен терен силите ќе ги одмерат со Гепинген.