Дувњак: Вардар уште е многу силен тим

Екипата на Вардар утре гостува во Германија кај тимот на Кил во мечот од 11. коло од Лигата на шампионите, а ова ќе биде максимално тежок дуел за „црвено-црните“.

Тие одат некомплетни, а составот на Кил во своите редови ги има и ракометарите кои се пожалија на повреди за време на Европското првенство така што ова ќе биде натпревар кој ќе донесе голем предизвик за сите ракометари.

Ракометарот кој на последното Европско првенство беше прогласен за најдобар, Домагој Дувњак, сепак,  не препушта ништо на случајот и вели дека нема да биде така лесно како што мислат некои.

„Сезоната ќе биде максимално тешка до крајот. Имаме прорама која ни носи многу тешки натпревари. Веќе утре нè очекува дуел против Вардар, кој уште е многу силен тим. Потоа ќе треба да гостуваме во Брест. На крајот во групната фаза од Лигата на шампионите ни претстојат дуели против Веспрем и Келце кои ќе одлучат за директниот пласман во четврт-финалето. Имаме добра база во моментов, но сите прашања за првото место во групата и понатаму се отворени“, вели Дувњак.

Натпреварот меѓу Кил и Вардар почнува од 19 часот, а ова ќе биде средба на која ќе може да се види во кој тим паузата од средбите во Лигата на шампионите оставила поголема трага.