Шпанско друштво за Костески во Татран Прешов

Екипата на Татран Прешов која се натпреварува во СЕХА официјално донесе големо засилување за следната сезона. Станува збор за Шпанецот, Хавиер Муњоз Кабезон, кој доаѓа од Ла Риоха. Тој потпишa двогодишен договор со својот нов тим, а авантурата ја започнува ова лето.

Игра на десната крилна позиција, а во Ла Риоха ги помина последните три години. Муњоз Кабезон добро го познава Татран бидејќи пред две сезони со Ла Риоха играше против нив во групната фаза во Лигата на шампиони и двапати однесе победа.

Оваа сезона се натпреварува во ЕХФ купот каде се покажа одлично во дуелите против Фуксе Берлин и им даде 14 гола. Годинава е стрелец на повеќе од 100 гола во сите натпреварувања. Тој ќе дојде како замена за Томаш Чип кој заминува од Татран Прешов, а би можел да игра заедно со македонскиот интернационалец Никола Костески, кој се уште не се знае дали ќе остане во словачкиот првак.