Шест ракометари се простија со репрезентативниот дрес (ФОТО)

Натпреварите од 3. и 4. коло од квалификациите за Европското првенство донесоа голем број на интересни средби, но покрај тоа донесоа и неколку збогувања со националните дресови на ракометари кои оставија длабока трага во репрезентациите на своите земји.

Ракометарот кој остави длабока трага и во ракометот во Македонија, Младен Ракчевиќ пред средбата против Данска на која Црна Гора забележа голема победа се прости со репрезентацијата. Покрај него дрес за голема благодарност доби и Горан Ѓукановиќ.

Словенците им се заблагодарија на Урош Зорман, кој од оваа сезона е помошник на Талант Душебаев во тимот на Келце и на Лука Жвижеј. Тие беа дел од сите поголеми успеси на Словенците во последните две децении.

Полјаците, пак, им дадоа големи почести на голманот Славомир Шмал и Бартош Јурецки. Тие добија дресови за благодарност пред натпреварот против Германија со што дефинитивно ставија крај на играњето во националниот тим.

Тоа се шест ракометари кои дефинитивно оставија голема трага во ракометот во минатите две децении и ги заслужија сите почести кои ги добија.