Шампионски танц на најдобрите: Вардарци го прегазија Мешков и тргнаа во поход кон титулата

Со одлични 60 минути, актуелниот првак на СЕХА-лигата, Вардар дојде до нова победа во оваа сезона и во 19. меч стигна до 18-тиот триумф со кој само беше потврден новиот атак кон титула во регионалното натпреварување. Мешков Брест беше добар противник, но немаше сили за повеќе од десетина минути квалитетно надигрување. Вардар знаеше да ги казни грешките, па победата од 33:24 беше сосема заслужена.

Средбата тргна со напад на тимот од Мешков, но истиот траеше десетина секунди бидејќи беше пресечен од Борозан, кој одработи одлично во контрата и донесе водство за Вардар од 1:0. Белорусите одговорија брзо на овој погодок, а вакват игра траеше шест минути со оглед на тоа што Мешков успеваше да израмнува.

После 3:3 следувше серија на Вардар од 3:0, а тука имаше и период на игра со ракометар повеќе. Тренерот на Мешков ризикуваше, а тој ризик не му донесе позитивени моменти со оглед на тоа што две акции беа пресечени и вардарци ја преземаа контролата на играта и на резултатот така што немаше проблеми за да се влезе во уште подобар период.

Одбраната имаше поддршка од Штербик, кој влезе во добра серија, а нападот функционираше одлично. Само дел од акциите не завршија според предвиденото односно имаше одбрана на Пешиќ, но процентот на успешност беше висок, па тоа донесе 8:3 во 11. минута, а овие пет погодоци се чуваа извесен период.

Најголемата предност во првиот дел беше во 19. минута кога се обезбедија 12:6. Ова делуваше како сигурна предност, но две погрешни додавања ги сменија целосно работите на теренот со оглед на тоа што во 23. минута ова сигурно водство се стопи и Мешков Брест намали на 12:10.

Ова беше причина за Раул да побара минута одмор, па конечно беше прекината лошата серија односно минутажата без гол и Вардар преку Македа стигна до 13:10, додека дваесетина секунди подоцна добрата игра во одбрана донесе контра и гол од Карачиќ. Колку што беа лоши оние четири минути на Вардар, толку беа добри следните четири, па разликата од шест гола беше вратена во 27. минута кога „црвено-црните“ поведоа со 16:10.

Сепак, Мешков Брест покажа дека нема намера да се откаже и продолжи со добрата игра, па успеа во последните три минути од првото полувреме да стигне до негатива од три гола. На одмор беше 17:14 во корист на Вардар, а овој период беше со одлична игра на Циндриќ кој имаше пет погодоци и Шишкарев, кој беше веднаш зад него со четири гола. Во првите 30 минути, Штербик запре седум удари на противниците.

Второто полувреме тргна во стилот кој веќе е виден на најголемиот дел од натпреварите на Вардар во оваа сезона. Сите ракометари влегоа максимално сериозно во продолжението и играа одлично. Штербик почна да брани во својот препознатлив стил, а и нападот функционираше како што Раул посакуваше. За седум минути игра тоа донесе нови пет гола предност за Вардар, па водството беше 22:14.

Мешков продолжи да се обидува да дојде до намалување на негатива и до враќање во игра, но не одеше така најдобро. Иако разликата беше намалена, а во 44. минута се стигна до 24:19, сепак, стануваше јасно дека нема да има шанса да се направи пресврт. Вардар ја казнуваше секоја најмала грешка на Мешков така што противникот и да сакаше не можеше да направи ништо.

Осумте гола предност се чуваа без проблеми, а тоа носеше сигурен финиш. Откако на десет минути пред крајот Вардар стигна до 30:20 веќе сите дилеми беа урнати и стана сосема јасно кој е првиот финалист. Вардар имаше само задача да го доврши мирно овој меч и да успее да го потврди новото финале во СЕХА лигата.

Во последните десет минути Белорусите искористија шанса за да ја намалат високата предност на Вардар, но не можеа да сторат ништо повеќе од намалувањето на десетте гола до девет гола за конечни 33:24.

ВАРДАР – МЕШКОВ БРЕСТ         33:24 (17:14)

Сала: СЦ „Јане Сандански“ во Скопје. Гледачи: 4000. Судии: Матија Губица и Борис Милошевиќ од Хрватска. Делегат: Јосип Посавец од Хрватска и Сергеј Кот од Белорусија.

ВАРДАР: Штербик (18 одб., 2 сед.), Милиќ, Стоилов 0/2, Недановски, Кристопанс 2/5, Мораеш 1/3, Македа 3/5, Карачиќ 4/4, Абутовиќ, Канељас 0/1, Циндриќ 6/7, Чупиќ 4/4, Дибиров 2/4, Шишкарев 4/5, Борозан 5/7, Марсениќ 2/3.

Седмерци: 3/3, Исклучувања: 4 мин.

МЕШКОВ БРЕСТ: Пешиќ (8 одб.), Мијатовиќ, Рутенка 0/1, Јашчанка 0/1, Јуринок 2/5, Потеко 2/4, Никуленко, Шумак 3/6, Вукиќ 2/4, Продановиќ, Хорак 1/5, Разгор, Баранау 9/11, Селвисјук 1/1, Шилович 2/5, Астрашапкин 2/4.

Седмерци: 4/6, Исклучувања: 10 мин.