Чешки репрезентативец ја засилува одбраната на Кил

Кил обезбеди уште еден искусен играч за следната сезона, а што е уште поважно ја засили одбраната. Репрезентативецот на Чешка, Павел Хорак од следната сезона се враќа во Бундес лигата во која претходно има настапувано десет сезони.

По крајот на овој шампионат Павел Хорак ќе го напушти Мешков Брест, а тоа беше познато и претходно  бидејќи потпиша едногодишен договор со Кил. Чехот се очекува да биде одлично засилување за одбраната на тимот од Германија, но исто така тој може добро да се снајде и во нападот.

За 36-годишниот ракометар ова е враќање во германското првенство после две години поминати во Брест, а тој не го криеше задоволството што ќе игра повторно во Бундес лигата.

‚‚Не очекував дека ќе го облечам дресот на Кил, но сега одам да работам напорно и да ги оправдам очекувањата. Со нетрпение очекувам да се вратам во најсилната лига во светот‘‘, изјави Хорак по потпишувањето на договорот.

Претходно Хорак има настапувано за Мешков Брест, Ерланген, Фуксе Берлин, Гепинген, Ахленер и Баник Карвина.