Црногорките испуштија плус седум, но ја совладаа Шведска

Јованка Радичевиќ, Андреа Кликовац и Итана Грбиќ, трите поранешни вардарки стартуваа со победа во вториот круг на Европското првенство во Франција. Тие со своите колешки стигнаа до триумф од 30:28 над Шведска во меч во кој Црногорките имаа и плус седум на осум минути до крајот.

Црна Гора беше селекцијата која тргна одлично во натпреварот. Рано направи предност која без поголеми проблеми се одржуваше до крајот на првиот дел. Црна Гора замина со предност од 18:14 на одмор и овој резултат даде шанса за во продолжението.

Во поголемиот дел од второто полувреме составот на Црна Гора беше во водство. Имаше поголема предност, а на осум минути до крајот се чинеше дека веќе го има добиено овој меч бидејќи дојде до 27:20.

Сепак, во завршницата Швеѓанките ја искористија опуштеноста на противникот и тргнаа во финиш. Не успеаја да дојдат до пресврт, а намалија на два гола за конечни 30:28 во корист на Црна Гора.

Радичевиќ беше најефикасната и на овој дуел. Реализираше деветпати, а зад неа со седум гола остана Мехмедовиќ. Марина Рајчиќ во финишот попушти во концентрацијата, но претходно собра 15 одбрани. Кај Шведска, Иден имаше осум интервенции, додека Гулден со шест погодоци беше најефикасната.