Филип Миркуловски со незаборавна партија го урна Гепинген

Интернационалецот од Македонија и капитен на Вецлар, Филип Миркуловски имаше голема улога во победата на својот тим на дуелот против Гепинген и со една извонредна партија му помогна на својот тим да победи на гостински терен. „Зелените“ дојдоа до триумф од 24:22, а популарниот „Жути“ даде четири гола и имаше две асистенции.

Гепинген се бори за опстанок и со сите сили се обидуваше да му парира на подобриот противник. Цврстата одбрана кај двете екипи беше во преден план, па оттаму паднаа малку голови. Посебна динамика немаше, а првиот дел од средбата помина во израмнета игра и водство на полувреме за домаќините од минимални 10:9.

Сепак, предноста на Гепинген траеше дотука бидејќи Вецлар вториот дел го отвори со серија од 3:0 и водство од два гола. До крајот, домаќинот немаше сила да се врати, а гостите само ја зголемуваа предноста со што си обезбедија мирен финиш и нова победа по два порази во низа.

Филип Миркуловски по подолго време имаше своја вечер, и беше најдобар стрелец во својот тим заедно со Максимилијан Холст, Кристијан Бјернсен и Лени Рубин. Марсел Шилер седумпати ја затресе мрежата на Тил Кимпке.