Унгарија го покажа вистинското лице и ја врати Ангола во реалноста

После неочекувано изгубениот бод против репрезентацијата на Аргентина, Унгарија заигра многу поквалитетно на средбата од 2. коло, на за нив претпознатлив начин  и без проблеми ја совлада репрезентацијата на Ангола со убедливи 34:24.

Уште од самиот почеток со сериозен пристап и максимална ангажираност репрезентативците на Унгарија им дадоа до знаење на Анголците дека нема што да бараат на овој натпревар. Тоталната доминацијата на Унгарците резултираше со двоцифрено водство веќе во 23. минута кога резултатот беше 15:5.

Постигнатите пет гола за 25. минути јасно покажуваат со какви проблеми се соочуваше Ангола во првото полувреме. Непробојниот Роланд Миклер беше нерешлива пречка и со одбранети десет топки од 18 шута и фантастичен процент од од 56% ги откажа веќе на полувремето, кога резултатот беше 18:8.

Второто полувреме беше само формалност и шанса да се зачуваат силите за следниот предизвик. Ангола немаше сили да ја намали двоцифрената негатива и остана на десетте гола од полувремето и претрпе пораз од десет гола со 24:34.

На крајот голманот Роланд Миклер беше прогласен и за играч на натпреварот, а според прикажаното беше најдобриот на теренот.

Најпрецизен поединец во победничката репрезентација беше левото крило Бока со постигнати пет гола од исто толку обиди иако во 22. минута доби директен црвен картон. Кај поразената екипа најефикасен беше Едвалдо кој стрелаше прецизно петпати.

Шанса за нови бодови двете репрезентации ќе имаат веќе утре, Унгарија игра против Катар од 15:30 часот додека Ангола ќе се обиде да и ги расипе сметките на фаворизираната Шведска. Натпреварот започнува во 20:30 часот.