Тројца браќа – едни против други: Александар, Филип и Кристијан ќе бијат битка за Бутел и Пролет

Дерби натпреварот од 13 коло во Суперлигата ќе се одигра помеѓу новиот суперлигаш Бутел Скопје и Пролет. На првата средба Бутел победи како гостин, но сега избраниците на Никола Матлиески посакуваат одмазда.

На тој натпревар едни против други беа тројцата браќа Василевски од Ресен. Кристијан настапува за Бутел, додека Филип и Александар се членови на Пролет. Денешната пресметка ќе им биде втора меѓусебна оваа сезона.

„Семејството е многу важно во животот – но кога се излегува на терен почнува борбата за победа и целиот фокус е на тоа. И претходно во кариерите имаме настапувано меѓу себе, секогаш била беспоштедна битка за да се стигне до триумфот и на крај му се честитало на победникот“, едногласно истакнуваат Александар и Филип.

Бутел моментно е второпласиран на табелата, а бодовите на овој дуел би биле од исклучително значење за Пролет во битката за плеј-офот.

„Имавме пад во концентрацијата против Пелистер, па наместо заслужениот цел плен освоивме само еден бод. Потоа следеше и оној пораз од Работник, но во меѓувреме работевме напорно на отстранување на грешките. Мислам дека самодовербата од периодот кога бевме во победнички ритам е целосно вратена, одлично се подготвивме за овој натпревар и знаеме што треба да сториме за да победиме. Бутел е составен од квалитетни и искусни играчи, тоа е корпулентна екипа чија зона потешко се разбива. Затоа, за нас многу важно ќе биде да играме брзо, да им создадеме проблеми со играта во транзиција и тоа темпо што подолго да го одржиме“, вели Александар Василевски.

Третиот брат, Кристијан очекува израмнет дуел, каков што беше последниот.

„Целиот акцент ние го ставаме на одбраната и брзи против напади. Можно е дуелот да се решава во последниот напад и очекувам да биде неизвесно. Нашите родители сепак нема да го гледаат овој натпревар во живо, но со нетрпение го очекуваат и знам дека се горди на нас“, вели Кристијан.

Бутел го изненади Пролет со победа на гостински терен, а тоа беше неизвесен дуел до последните моменти. Се очекува да биде исто и на денешната средба.

„На тој меч ни се случи истото како и на последниот домашен дуел со Пелистер, цели 50 минути имавме и водство и контрола над играта, за потоа во финишот да промашиме бројни зицери и да му овозможиме на противникот да се врати. Мое мислење е дека имаме квалитет за да славиме во Бутел иако ривалот е за целосен респект, но не смееме да си дозволиме толку многу осцилации во играта. Работевме на тој сегмент и се чувствуваме подготвени, да одговориме на предизвикот што е пред нас“, порачува пивотот Филип Василевски.

Натпреварот меѓу  Бутел и Пролет се игра денеска со почеток во 18:30 часот во салата „Антон Димитров“.