Тренерот на Магдебург објасни: Кузмановски не игра затоа што не знае ниту германски, ниту англиски јазик!

Тимот на Магдебург не игра според очекувањата на стартот на сезоната во Бундес лигата, па по поразот од Хановер во последното коло со 31-28, се појавија и првите критики во германските медиуми за тренерот Бенет Вигерт.

Меѓудругото, тој е критикуван што не му дава минутажа на македонскиот репрезентативец Филип Кузмановски, кој безмалку сите натпревари ги преседува на клупата на германскиот тим.

„За новодојдениот играч од Македонија, јазичната бариера е најголемиот предизвик. Не можам да комуницирам со него ниту на германски ниту на англиски. Тоа значи дека немам никакво влијание врз него штом влезе во игра на теренот. Понекогаш Муса или Безјак кога се на теренот можат да бидат „преведувачи“. Но Кузмановски мора да биде самостоен и да не зависи од никого. Исто така тој е роден во 1996 година, значи има само 23 години и тоа не смее да се заборави. Мора да се развива на мир“, објасни Вигерт.

Магдебург ќе одигра уште два меча, против Ерланген и Штутгарт, пред Кузмановски да дојде во Македонија за време на ЕХФ неделата и дуелите со Грузија, па ќе имаме можност во живо да се увериме во неговата форма.