Талески стави точка на новата победа на Рајн Некар

Екипата на Рајн Некар Левен својот заостанат дуел од 9. коло во Бундес лигата го реши со победа од 28:25 и тоа на гостински терен кај Гепинген.

Репрезетативецот на Македонија, Филип Талески, не доби поголема минутажа, но во оние минути поминати на теренот успеа да забележи еден погодок и тоа голот со кој беше ставена точка на средбата.

Рајн Некар немаше лесен дуел. Постојано беше во минимална предност, но домашните не дозволуваа поголема разлика за гостинскиот состав. Истрајноста која ја имаше Гепинген, сепак, попушти во последните седум минути, во кои гостите полека но сигурно почнаа да го носат мечот кон мирна завршница.

На крајот победата беше за Рајн Некар со 28:25 со што беа освоени два значајни поени, a со нив тимот скокна на 3. позиција, па сега од второпласираниот Кил го делат три бода. Сепак, Рајн Некар има и натпревар помалку.

Убедливо најдобар стрелец беше, Џери Толбринг кој погоди десетпати, додека кај Гепинген, Себастијан Хејман погоди пет.