Талески: Нема да биде лесно, но одиме со сите сили против Бахреин

Денеска е слободен за Македонија на Мундијалот во Германија и Данска, но нашите репрезентативци тренираа во „Олимпијахале“ во Минхен. Левиот бек Филип Талески дека не смее да има опуштање пред средбата со Бахреин.

„Посакувавме Мундијалот да го отвориме со победа, тоа и го направивме. Имаме една преспана ноќ, но не чекаат уште четири натпревари. Видовме дека и Бахреин е незгоден противник како и Јапонија, се држеше до самиот крај против Шпанија. Потребно е максимално да се подготвиме и за нив. Ако имаме уште една победа, потоа ќе биде се отворено против Хрватска, Шпанија и Исланд“, вели Талески.

Денеска нашиот национален тим има еден тренинг, а во текот на денот ќе има и видео анализа.

„Имаме 24 часа за подготовки и се надевам на добар меч. Бахреин е повисока селекција од Јапонија, имаат покомпактна одбрана, па поради тоа мора да бидеме трпеливи во нападот, да градиме чиста шанса и да не ги повториме грешките со избрзани шутеви. Нема да биде лесно, но одиме со сите сили“, заврши Талески.

Следниот натпревар Македонија го игра во текот на утрешниот ден на истото место – „Олимпијахале“ во Минхен, со почеток во 14:00 часот.