Талант Душебаев им се налути на навивачите на Келце

Тренерот на Келце, Талант Душебаев на последната прес-конференција изрази разочараност од фановите на тимот и вели дека доколку работите изгледаат така во текот на целата сезона тогаш е подобро веднаш да се разотидат.

Тој смета дека со секоја нова година заинтересираност кај публиката како да опаѓа и како да станува сè полошо бидејќи на трибините има сè помалку навивачи.

„Имам впечаток дека во однос на минатите години сега има многу помалку публика на трибините. Тука работам веќе пет години, и од година во година станува сè полошо. Се сеќавам дека кога бев тренер на Атлетико Мадрид публиката доаѓаше во салата два часа пред натпреварот. Уште тогаш салата беше полна. Сега кај нас нема интерес од публиката ниту во Лигата на шампионите ниту во првенството на Полска“, вели Душебаев.

Тој коментираше и зошто толку им замерува на фановите.

„Лут сум им на нашите навивачи поради еден друг факт, а тој е дека тие ги бираат натпреварите на кои доаѓаат. Тие како да чекаат да дојде некој силен противник и да се најдат на трибините. Меѓутоа, сметам дека е ова погрешно бидејќи или се со нас на сите натпревари без разлика на ривалот или воопшто не се. Ние сме во тешка ситуација поради финансиските проблеми и правиме сè за да успееме да дојдеме до излез од кризата. Сепак, продаваме сè помалку влезници, имаме сè помалку фанови и веќе не знаеме што да направиме“, коментираше тренерот на Келце.

Денеска овој тим игра средба на домашен терен против Горник и се загрева за Лигата на шампионите, но засега работите не одат во позитивен правец. Воедно има големи проблеми и со повредени ракометари во екипата.