Струга е првиот финалист на Меморијалниот турнир „Миле Нешкоски“

Ракометарите на Струга го добија првото полуфинале на Меморијалниот турнир „Миле Нешкоски“ и се изборија за место во утрешното финале во кое ќе се соочат со победникот од пресметката меѓу екипите на Пролет и Ловќен.

Стружани го добија двобојот со домаќинот Прилеп со 27:22 откако беа во предност во најголемиот дел од средбата. Домашните успеаја да се вратат и да израмнат, но не можеа да направат и пресврт.

Средбата почна со игра во која главно се мислеше на одбраната. Првиот гол беше постигнат дури во 7. минута кога Струга поведе со 1:0, а веќе во следната минута имаше 3:0. Оваа предност од три гола беше присутна во најголемиот дел во продолжението. Предноста се искачи и до плус пет, но Прилеп успеваше да се врати, а на одмор беше 13:9 во корист на стружани.

Второто полувреме мина главно во ритам со кој Струга успеваше да ја одржи разликата. Работите одеа добро до средината на полувремето кога Прилеп почна да ја намалува негативата. Во 40. минута дојде до минус два гола, а потоа во 50. минута резултатот дојде до нерешени 20:20 после неколку одбрани на тренерот на голманите на Прилеп, кој воедно е и регистриран за настап.

Ова беше искористено за нерешен резултат, но веднаш после ова следуваше нова серија за Струга која се врати на пристојна позитива и на крајот беше обезбедена победа од 27:22 за место во утрешното финале.

Најефикасни во редовите на Струга беа Костески и Тренчески со по седум гола, додека во Прилеп по шест гола имаа Георгиески и Бозароски. Кај голманите Александар Стојаноски од Струга одбрани 13 удари од игра и два пенали, додека во Прилеп, Димоски успеа да запре осум удари на противниците.