Стојанче Стоилов: На сите убави нешта доаѓа крај…

Вардар в четврток од 20 часот го игра последниот меч на домашен терен во Лигата на шампионите. На тој дуел веројатно завршува една убава ера на клубот бидејќи со него завршува делот под водство на Самсоненко.

„На сите убави нешта доаѓа крај. Убаво беше додека траеше. Сепак, реално уште никој ништо не знае. Сергеј нас лично ни нема кажано ништо. Не знаеме ништо. Дали некој ќе го преземе Вардар и дали ќе постои или нема. Ние сме му благодарни за она што го направи за нас досега. Тој го крена Вардар и спортот воопшто на друго ниво“, коментираше капитенот Стојанче Стоилов на пресот пред мечот против Пик Сегед.

Тој не сакаше премногу да коментира за ситуацијата околу иднината на клубот после најавите на Самсоненко за заминување, но вели дека е разочаран.

„Ова е мој клуб. Тука сум пораснат во Скопје и сум голем навивач на Вардар. Ќе видиме како ќе биде. Во моментов е само Пик Сегед во мислите, а за другото ќе размислуваме потоа. Имавме проблеми цела година пред сè со повредени играчи. Во клубот имаме склоп на одлилчни играчи и одлична хемија со ракометари кои се победници. Можеби таа одлука ќе ни даде елан повеќе на овој дуел“, изјави Стоилов.