Стојаноски: Ќе играме за традицијата, за ривалството, за меѓусебен престиж…

Тимовите на Струга и Охрид денеска ќе го одиграат езерското дерби, кое сезонава ќе го има своето четвртто издание. Стружани како домаќини ќе се обидат да дојдат до позитивен резултат во трката за меѓусебен престиж, но речиси сосема извесно е дека без разлика на резултатот охриѓани ќе финишираат како првопласирани во плеј-аутот.

Голманот на домашните кој оваа сезона брани во одлична форма, Александар Стојаноски, вели дека ќе се игра за традицијата и за меѓусебен престиж.

„Ова за нас е последен натпревар сезонава и ќе ја завршиме така како што ја почнавме – со дерби против Охрид. За крај очекувам фер и добар натпревар од двете страи, иако силите се на крај и резултатски овој меч нема да ни смени ниту нас, ниту на Охрид. Ќе играме за традицијата, за ривалството, за меѓусебен престиж. Ги повикувам двете навивачки групи да дојдат и уште еднаш да направат одлична атмосфера за која ќе се зборува долго. Апелирам да се наполни салата и сите да бидеме хумани, да му помогнеме на Мартин во животните битки“, вели Стојаноски за 24Ракомет.

Натпреварот меѓу Струга и Охрид ќе се игра од 18:00 часот во СЦ „Тими“.