Стоилов: Ова е најважниот меч сезонава, но притисокот е кај Пик Сегед

Капитенот на екипата на Вардар, Стојанче Стоилов вообичаено беше претставник на ракометарите на прес-конференцијата пред последната средба во Лигата на шампионите на домашен терен сезонава. Тој го искажа своето очекување од пресметката со Пик Сегед.

Тој вели дека во моментов и покрај тоа што знаат каква е ситуацијата.

„Ова е најважниот меч за нас сезонава. Можеби последен натпревар од Лигата на шампионите на овој Вардар каков што го знаеме, после најавата на Сергеј Самсоненко. Сепак, тоа во моментов е оставено на стенд-бај. Знаеме колку е важен овој двомеч со Пик Сегед. Според мене тие се фаворити. Таа улога им ја оставам на нив. Ние ќе дадеме сè од себе и пред полна сала да го совладаме Сегед и да бидеме чекор поблизу до пласманот на Ф4“, изјави капитенот Стојанче Стоилов.

Кај Вардар проблемите со повредените ракометари и понатаму се присутни. Неколкумина се жалат на повреда така што е неизвесно кој колку ќе може да одигра на овој натпревар.

„Наш хендикеп може да биде клупата. Сепак, се работи за само еден меч, а потоа ќе имаме доволно време за одмор. Ќе имаме можност за да дадеме максимум и да одиграме најдобро што може и да се обидеме со помош на нашите навивачи да дојдеме до победа“.

Со оглед на тоа што Пик Сегед секогаш досега минувал лошо на гостувањата во Скопје тоа може да биде олеснување за „црвено-црните“, но во исто време да биде и причина за притисок.

„Мислам дека притисокот е на страната на Пик Сегед. Овој тим е во поинаква ситуација бидејќи нема победа против нас во Скопје и сигурно ќе сака да го направи тоа, па притисокот е поголем кај нив отколку кај нас пред оваа средба“, рече Стоилов.

Првиот меч меѓу Вардар и Пик Сегед се игра в четврток од 20 часот во салата во СЦ „Јане Сандански“.