Станува опасно за Веспрем и ПИК Сегед: Татабања со нови засилувања за следната сезона

Екипата на Татабања сериозно се засилува за новите походи што ги носи следната сезона. Од унгарскиот тим стигнаа известувања за нови аквизиции. Противникот на Еурофарм Работник од Купот на ЕХФ потпиша двајца нови ракометари.

Станува збор за повратникот во тимот, голманот Адам Борбели и рускиот лев бек, Витали Комогоров. Унгарскиот талентиран голман, веќе еднаш беше дел од Татабања. Тогаш како позајмен играч од Веспрем ги бранеше боите на еден од најдобрите тимови во Унгарија.

Комогоров пак може да внесе големо искуство во „тигрите“. Пристигнува од Динамо Букурешт, а една сезона го носеше и дресот на Нант. За да и се прилучи на Татабања одби понуди од екипи како Бенфика и Лајпциг.

Претходно за Татабања потпишаа и Петер Хорњак, Жолт Балог и Андрас Сас.