Со Вардар пет години играа на Ф4 во ЛШ, со ЧСМ Букурешт нема да ја видат Будимпешта

Поранешните вардарки Јованка Радичевиќ, Андреа Лекиќ, Барбара Лазовиќ и Драгана Цвијиќ (поради повреда не играше во четврт-финалето) годинава нема да ја видат Будимпешта. Ракометарките на ЧСМ Букурешт претрпеа уште еден пораз и на тој начин испаднаа во четврт-финалето од Лигата на шампионите.

Екипата на Мец успеа да го доврши она што го почна во Романија и го совлада ЧСМ Букурешт со 23:22 и со вкупни 54:48 се пласираа помеѓу најдобри четири екипи сезонава во Лигата на шампионите.

Овој двомеч беше решен уште во првата средба која Мец ја доби со 31:26. На вториот натпревар тие имаа задача само рутински да си го одработат пласманот помеѓу четирите најдобри екипи од најелитното европско натпреварување.

Гостите од Букурешт максимално се обидуваа со победа да се опростат од натпреварувањето, но не им појде од рака. На полувремето имаа негатива од два гола и губеа со 9:11, а до крајот намалија на гол за минимален пораз од 22:23.

Најмотивирана ракометарка во редовите на гостинскиот тим беше поранешната вардарка Андреа Лекиќ која погоди петпати, додека Јованка Радичевиќ трипати го погоди голот на Французинките. Мелине Ноканди на другата страна постигна шест гола. Покрај Мец, пласман во Ф4 обезбедија и Ѓер, Кристијансанд и Ростов Дон.